Последните сведочења скарани со помирувањето
Додека во Кривичниот суд вчера течеше ново рочиште за 27 април минатата година, претседателот на Собранието, Талат Џафери, беше во Јавното обвинителство за да даде исказ околу неговиот избор за спикер – една од потешките политички операции во последните две години што се изведе додека насилници влегуваа во собраниската зграда. Триесетина од учесниците во крвавиот четврток се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок, додека против спикерот Џафери и уште шеесетина пратеници е поднесена пријава за велепредавство од битолско Здружение за почитување на правдата и прописите. Затоа, вчера на распит во обвинителството беа и актуелниот потпретседател на парламентот Горан Мисовски и пратеникот Ферид Мухиќ, кои го презедоа водењето на конститутивната седница за да се овозможи избор на претседател на парламентот.
Наспроти двете постапки во судот и во обвинителството, во парламентот вчера требаше да се состане работната група за помирување од која се очекува да понуди политичко решение за ослободување од кривична одговорност на дел од актерите во крвавиот четврток, откако неколкумина од нив го овозможија двотретинското мнозинство за пристапување кон уставни измени. Но состанокот на оваа група беше одложен затоа што нејзиниот претседавач – независниот пратеник Зекир Рамчиловиќ, според информациите, бил на службен пат во Брисел.
Осумтемина независни пратеници ја условија понатамошната поддршка за уставните измени со забрзување на процесот на „помирување и простување“ и гласаа „воздржано“ за нацрт-амандманите. Претходно, премиерот Зоран Заев најави дека, преку Координативното тело за помирување во парламентот, ќе биде подготвен закон за амнестија за 27 април, ама нагласи дека не смее да се помине црвената линија, поточно дека нема да бидат ослободени од одговорност оние што ги организирале или биле директни учесници на насилствата во законодавниот дом.
Но последните сведочења во судот фрлија нова светлина во однос на тоа кој стои зад организацијата на настаните на 27 април. Сега останува да се види дали со тоа и тековниот процес на помирување ќе добие поинаков тек.
Поранешниот пратеник Павле Трајанов, кој сега е национален координатор во Владата, смета дека закон за амнестија треба да се донесе откако ќе заврши судскиот процес за 27 април.
„Ако биде донесена амнестија, парламентот ќе го блокира судскиот процес. Не може законодавната власт да направи упад во расчистувањето на еден толку грозоморен чин. Не сум против помирувањето, сфаќам дека е нужно да има амнестија за да бидат изгласани уставните измени, но амнестија нека има по завршувањето на судскиот процес“, изјави Трајанов.
Тој вели дека преку судскиот процес треба да се види кој е организатор на крвавиот четврток, кој извршител, кој и како е виновен и кој каква казна ќе добие, а кој е невин.
„Потоа може да се донесе одлука. Во спротивно, ги уриваме темелите на државата и го доведуваме под прашање кредибилитетот за наше членство во ЕУ и во НАТО“, вели Трајанов.
Дека по последните сведочења во судот најавеното помирување добива друга димензија смета и професорот Јове Кекеновски, поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ. Во статус на Фејсбук, Кекеновски му се обраќа на премиерот Заев со порака: „И покрај овие сведочења за 27 април, ти ќе бараш помирување и амнестија за дел од пратениците, само за да гласаат за промена на Уставот. Нели ти е јасно дека тие пратеници се дел од организаторите и извршителите на сценариото за 27 април? Или промената на Уставот и името ти се побитни од ова? Џабе ти е ЕУ и НАТО ако влеземе обезличени и ако не воспоставиме владеење на правото“.
Џафери изјави вчера дека нема да коментира ништо ниту за процесот на помирување ниту за распитот во Обвинителството. Само рече дека бил повикан да даде исказ и дека ја исполнил својата должност како и секој граѓанин.
И Мисовски, кој е член на Координативното тело за помирување, вели дека не може да се шпекулира ништо околу законот со кој треба да се реализира помирувањето за 27 април додека не се види решението што ќе го предложи телото за помирување. Тој се изјаснил во обвинителството дека не чувствува вина, затоа што Џафери е избран согласно со Уставот и Деловникот. За поднесената пријава рекол дека смета оти е дело на една политичка партија.
Независната пратеничка Емилија Александрова, една од копретседателките на Координативното тело за помирување, во однос на можното решение за амнестија вели дека во оваа фаза на договарања и консултации меѓу пратениците, не би сакала да шпекулира дали и како последните сведочења може да се одразат на процесот.
Конститутивната седница на овој пратенички состав почна на 30 декември 2016 година, под водство на поранешниот спикер Трајко Вељаноски и сè до 27 април следната година не се закажуваше нејзино продолжение, додека во меѓувреме и претседателот Иванов го чуваше во фиока мандатот за формирање на новата влада. Критичната вечер, претседавањето со седницата го презеде Ферид Мухиќ, како втор парламентарец според возраста по Бранко Манојловски, а потоа ги овласти за негови заменици Мисовски од НСДП и Џевад Адеми од ДУИ. Потоа со седницата продолжи да претседава Мисовски, кој и ги повика пратениците да гласаат за предлогот за избор на Џафери за спикер. Актуелниот претседател на парламентот беше избран со 61 глас, а претходно, со 67 гласа „за“ беше донесена одлука за прескокнување на точката за избор на Комисијата за избори и именувања. Додека во собраниската сала се одвиваше политичкиот трилер, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ извикуваа „пуч“, демонстрантите што со месеци протестираа на улица почнаа да влегуваат во зградата на парламентот. Александра М. Митевска