Посакуван датум за референдум – 30 септември


Владејачките партии преферираат референдумот да се одржи на 30 септември. Овој датум, според наши информации, го посочил и премиерот Зоран Заев на вчерашната лидерска средба во Клубот на пратеници. Сепак, како алтернатива за спроведување на плебисцитарното изјаснување за името е оставена и првата недела од октомври, односно 7 октомври.

Доколку има договор за референдум на крајот на септември, тогаш тој би требало да биде распишан до крајот на овој месец, за да се остави простор од 60 дена за предреферендумските активности, како што е и законски предвидено. Заев изјави синоќа дека планот е некаде кон средината на јануари да се заврши со сите постапки при успешен референдум, со што ќе се овозможи парламентот во Грција да гласа за договорот за името.

Партиските претставници што присуствуваа на средбата во Клубот на пратеници, генерално, се изјасниле позитивно околу потребата за одржување референдум за договорот со Грција. Според наши информации, и претставниците на Социјалистичката партија која е сѐ уште дел од коалицијата „За подобра Македонија“ дале поддршка, со тоа што предочиле дека очекуват владејачката гарнитура да се договори за ова прашање со ВМРО-ДПМНЕ.  Единствено, претставниците на ВМРО-ДПМНЕ – лидерот Христијан Мицкоски и Тања Каракамишев не го соопштиле својот став, туку заминаа од средбата, негодувајќи за нејзиниот формат.

Во Клубот на пратеници на пладне  треба да почне новата лидерска што ја побара Мицкоски – во формат два плус два, односно меѓу лидерите на четирите најголеми партии. Во меѓувреме, се очекува парламентот да ја донесе декларацијата за поддршка на пристапниот процес на Македонија во НАТО, што ја предложи Комисијата за одбрана и безбедност, а зад која застана и ВМРО-ДПМНЕ. Владините предлог-измените на Изборниот законик со кои мнозинството за избор на ДИК се симнува од 80 на 61 глас се 12 точка на дневниот ред на денешната седница. Од тоа дали денеска ќе биде постигнат договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за изборот ан ДИК зависи дали оваа точка ќе биде симната од дневен-ред или, пак, ќе ѝ се даде приоритет за донесување.