Поразителни резултати: Повеќе од 80 отсто би ја напуштиле Македонија


Поразителни резултати од анкетата што ја спроведе тимот на Факултети.мк на прашањето „Кога би можеле, дали би се отселиле од Македонија?“. Дури 83,7 отсто од испитаниците би си заминале од Македонија кога би имале шанса. Анкетата беше отворена пред две недели, а на прашалникот анонимно одговорија вкупно 1.474 читатели.

Интересен е податокот што во првите неколку часа имаше масовно одговарање на трите поставени прашања.
На прашањето „Кога би имале шанса, дали би заминале од Македонија?“ одговорија 1.491 читател. Од нив дури 1.234 (83,7%) одговориле со „да“, 123 (8,3%) се двоумат, додека 117 испитаници (7,9%) би останале во Македонија.
Различни се одговорите за земјата каде што би се преселиле. Германија, Австралија, Канада, Франција, Холандија, Данска, Австрија, Скандинавија, Швајцарија, Словенија, Нов Зеланд, Шведска, САД, Англија… Има и вакви одговори: „Каде било, само не Македонија“, „Подалеку оттука“, „ Во земја каде што владеат закони и каде што има нормален здравствен систем и образование“.

На прашањето: „Зошто би заминале?“ одговорија 1.054 читатели. Најчестиот кус одговор е „за подобар живот“. Еден читател ја сублимирал целата реалност во неколку реченици:
– Катастрофално лошо функционирање на сите институции. Корупција, мито, непотизам. Голема злоупотреба на должностите и функциите што им ги доверила државата. Лоша инфраструктура, лоша организација во функционирањето на сите институции. Тие што се одредени да ја организираат работата и функционирањето на институциите се неспособни, корумпирани, алчни да заработат многу за кратко време. Не постојат долгорочни планови за развој и напредок. Корумпирана полиција, судство… Здравствениот систем многу лошо организиран, нефункционален. Образовниот систем корумпиран. Факултетите се натпреваруваат кој ќе им додели (продаде) повеќе дипломи на неспособни кадри! Способните, вредните, тивките, трудољубивите… се оставени на маргините, да се снаоѓаат како знаат и умеат.
Во продолжение се дел од одговорите на нашите читатели зошто би заминале од Македонија:
– Бидејќи во нашата држава не функционира никаков систем (политички, образовен, здравствен итн.), покрај тоа и народот е тотална катастрофа.
– Подобри работни позиции, подобра плата, поголема општествена свест, помало ниво на корумпираност во тие земји. Вработениот кадар таму е барем соодветно образован за своите работни места. Без навреда на чесните исклучоци во нашата земја, дури и самите експерти што ги имаме се со многу низок морал за да може да ја извлечат оваа земја од дупката во која е падната.
– Подобра иднина на моите деца и сигурност.
– За да дишам чист воздух.
– Затоа што ова не е држава.
– Лош и недостоен живот во Македонија.
– Поради нефункционирањето на институциите составени од партиски и неписмени кадри. Поради ужасното здравство. Поради фаќањето врски во сите сфери од секојдневниот живот. Да одиш на добар лекар, ти требаат врски и многу пари. Да добиеш соодветна позиција на работно место, ти требаат врски и многу пари. За да завршиш факултет, ти требаат врски и многу пари. Секоја чест на поединци што работат по закон, ама ретки се. Па се прашувам зошто држат позиција да земаат плата од државата, а ништо да не сработат? Зошто за такви луѓе да плаќам даноци? Можеби треба и кога одиме по шалтери, да му платиме само на оној што ќе мрдне со прст и ќе ни заврши работа, а не за сите, па и на оние што дремат.
– Ниските плати, урнатиот образовен и правен систем, пропаднато здравство, т.е. во целина нашево општество има тренд во негатива, секој ден тонеме сè повеќе и повеќе, а никој не презема ништо околу тоа. Напротив, преокупирани сме со хаосот во политиката од кој само политичарите имаат корист, а додека ние, граѓаните, на оваа мала држава сме принудени да бараме начин како да го поминеме денешниот ден, а сето тоа да го скриеме од очите и чувствата на нашите деца.
– Преку глава ми е од недоквакани политичари и останати подлизурковци што раководат со општеството, компаниите и сè друго во државата.

– Не е до парите. Секојдневието е катастрофа од сите аспекти (народ, опкружување, манири, ставови, институции, општини, ВОЗДУХ).
– Нема една причина зошто би останал. Животот ми е уништен овде, работам по 13 часа секој ден и едвај преживуваме. – За да не ги гледам повеќе овие ѓубриња од пратеници (важи за сите партии) како ја докрајчуваат државата.
– Затоа што и покрај тоа што за година дена ќе станам магистер по фармација, не гледам дека овде можам да заработам за нормален живот. Во 21 век татко ми е заминат на печалба…
– Поради долгорочната невработеност на сопругот иако е магистер. Одвратното владеење каде што институциите те дерат на секој чекор и тоа малку што ти останува. Немање никаква економска сигурност, при што една плата нè дели од бездомништво.