Попоски како Пленковиќ, ама Мицкоски не е Карамарко


Поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски вчера не сакаше да ги коментира шпекулациите дека го мерка лидерското место во ВМРО-ДПМНЕ. Тој, наводно, не бил во земјава за новогодишните празници, а и онака ретко се појавува во јавноста, па дури и во Собранието, каде што е пратеник.
Приврзаниците на Попоски ќе речат дека неговите чести отсуства од земјава, односно присуства во Брисел одат во прилог на бриселско-вашингтонското лоби, што во превод значи дека шансите драстично му растат. Во тој контекст се врши паралела со Хрватска и ХДЗ (Хрватската демократска заедница) – сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, која само во два наврати од самостојноста не владееше со земјата.

Пленковиќ од Брисел во Бански двори
Партијата на чие чело беше Фрањо Туѓман првпат потклекна веднаш по неговата смрт, по што дојде Ивица Рачан и СДП (Социјалдемократската партија) и вторпат по избивањето на коруптивните скандали на Иво Санадер. „Недопирливиот“ премиер почна да паѓа како крушка откако јавноста почна да дознава оти во четири очи склопувал продажба на државни фирми, контролирал медиуми, ги рекетирал приватниците… Место ХДЗ, повторно дојде СДП на чело со Зоран Милановиќ, но набргу се стопија надежите дека ќе дојде до функционирање на правната држава, па „патриотите“ се вратија на власт. Новиот премиер Томислав Карамарко не се снајде во улогата што ја доби и не успеа да го сопре „тврдото“ крило на партијата, да ги прифати европските вредности и да го демократизира општеството. Тоа беше сигнал да биде тргнат, па во медиумите исплива скандал поврзан со неговата сопруга од кој Карамарко не можеше да се извлече. На чело на владата беше именуван Тихомир Орешковиќ, угледен бизнисмен од емигрантско семејство во Канада, кој се мачеше со хрватскиот јазик, а уште повеќе со процесите и начините на кои функционира оваа балканска држава.
За тоа време, Андреј Пленковиќ беше пратеник во Европскиот парламент во Брисел. Во јуни 2016 година, од центарот на ЕУ, порача дека време е ХДЗ да се исчисти од неспособните и корумпирани членови. Самиот се кандидираше за претседател на партијата и победи на вонредниот конгрес. Веќе во септември истата година со партијата победи на парламентарните избори и стана премиер.


„Пленковиќ, како модерен политичар, успеа да го амортизира националистичкото крило, иако држи до идеалите на партијата. И тој никогаш јавно не ги нападна политиките на неговите претходници. Има поддршка и внатре и надвор“, се коментира во вмровските кругови како аргумент на тврдењата дека Попоски може да биде катапултиран во белиот дворец.
Сепак, како контрааргументи се споменува дека ВМРО-ДПМНЕ ја имаше својата катарза со смената на Никола Груевски и Сашо Мијалков. Новото раководство предводено од Христијан Мицкоски го нема во ниту еден прислушуван разговор од „бомбите“, а нема ниту истраги против нив.

Немам мандат да гласам за уставни измени
Никола Попоски елегантно се ослободи од обврската во Собранието да гласа „за“ или „против“ договорот за името, иако претходно на Фејсбук напиша: „врз основа на изборот за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и нашата изборна програма, јасно е дека немам мандат и не учествувам во промена на Уставот на Република Македонија со цел промена на уставното име“. Дента кога се гласаше – на 19 октомври, тој беше единствениот отсутен пратеник во парламентарната сала. Тоа може да се толкува како пресметан потег, затоа што еден ден можеби ќе биде важно за светските центри на моќ дека не бил против Преспанскиот договор, односно кај вмровците дека не бил за промена на името.
„Честито годишнина од организирањето на Македонската револуционерна борба! Некогаш им требале пиштол и кама. Денес ни требаат мудрост и работа во мир. Целта останува: револуционерен пристап за напредна Македонија. Да живее ВМРО, да живее Македонија“, напиша Попоски лани на 23 Октомври – денот кога беше одбележана годишнината од формирањето на историското ВМРО.
Според информациите на „Независен весник“, вмровската опозиција чека погоден момент да се врати во битка за превласт во белиот дворец. Тоа, според претпоставките, би биле претседателските избори, каде што евентуален неуспех на опозицијата би им дал ветер во грб на избрканите да го критикуваат новото раководство на партијата, иако се свесни дека досега не се случило партијата на власт да не победи и на изборите за претседател. Во тоа предничи поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, кој му порача на Мицкоски да ги спакува куферите доколку покрај ваква неспособна власт не успее да победи на претстојните претседателски избори. Според одредени информации, веднаш потоа би се свикал вонреден конгрес.
Во моментов нема расположение за смена на Христијан Мицкоски. Врз извршниот и во централниот комитет тој има целосна контрола, а под свое ги зема и општинските комитети. Луѓе од доверба се назначени и во Унијата на жени, односно Унијата на млади сили. Рејтингот му е постојано во пораст, изби и на прво место кај десничарите. Но работите во политиката се менуваат за час. Во таа смисла, резултатите од претседателските избори се очекуваат со голема неизвесност и кај власта и кај опозицијата.

Горан Адамовски