Поплавени куќи и блокирани патишта во Гостивар


Временските услови во изминатово деноноќие проследени со наглото топење на снегот и врнежите од дожд во гостиварскиот регион, предивикаа проблеми во некои делови од општината. Регионалниот патен правец Гостивар-Србиново од синоќа е во прекин. Во близина на селото Лакавица на коловозот се срушила поголема количина од земја и дрвја.

Градежна механизација веќе работи на расчистување и се очекува до пладне да биде ослободена една коловозна лента, а според најавите во текот на денот, коловозот да биде прооден во обата правци.

Според информациите на локалниот Центар за управување со кризи (ЦУК) и СВР Тетово, проблеми во одвивањето на сообраќајот имало и на локалниот пат Чегране-Тумчевиште, кад сообраќајот поради излевање на вода од околните водотеци се одвива со потешкотии. Под закана од поплавување се и неколку куќи во селото Форино кои се близу до Вардар.

Најдојдениот Вардар, синоќа предивикал и поплавување на десетина куќи селото Балиндол, а заради опасност од излевање на вода од каналот за наводнување под закана се и двесетина куќи во населбата Бањешница.

Нивото на Вардар низ полошкото поле е зголемено и постои опасност од излевање во околните ниви.