Полицијата проверува кој и се заканувал на судијката Кацарска


Полициско обезбедување за судијката Добрила Кацарска е одобрено веќе две недели на барање на Кривичниот суд, потврди денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Имаме обврска за сите носители на јавни функции за кои ќе има барање или постои безбедносен ризик да обезбедиме заштитта на интегритетот и на личноста. Во овој случај врз основа на барање од Судот, а по проценка направена во службата, е доделено физичко обезбедување на судијката Добрила Кацарска, изјави Спасовски одговарајќи на новинарско прашање за одлуката за обезбедување на судијката Кацарска.

Полицијата, како што посочи, работи на постапка за откривање кој и зошто ги прави заканите, но за тоа ќе информираат кога ќе има повеќе информации.

Кацарска го води случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство во кој  изрече затворска казна за поранешниот премиер Никола Груевски и за екс помошник министер за внатрешни Ѓоко Поповски. Во овој случај е обвинета и поранешната министерка за внатрешни Гордана Јанкулоска, за која поради ризична бременост беше издвоена постапката.