Полициска акција во скопските дискотеки: Со оружје ни дојдоа на подиум


Во неколку скопски дискотеки во текот на вчерашната ноќ се одвивала полициска акција, а затекнатите граѓани реагираат на тоа дека полицијата демонстрирала сила со огнено оружје. Дел од нив раскажуваат дека полицијата вооружена стоела и на подиумите, а глетката наликувала како на акционен филм.

Утринава на социјалните мрежи се огласија и дел од сопствениците на ноќните клубови, но и луѓе кои биле присутни во клубовите. Во текот на полициската акција приведен бил и Огнен Узуновски, истакнат граѓански активист и сопственик на дискотеката „Сектор 909“. Тој подоцна на својот фејсбук-профил напиша:

„Татко ми вика цел живот: Сине, ќе те учи работата, така што сигурен сум дека е во право ‘ќе нè учи работата’. Јас, Огнен Узуновски, не се чувствувам како криминалец и ‘Сектор 909’ не е само едно обична дискотека, туку е еден начин на живот. Не можете да нѐ сопрете, тука има многу љубов. Со ова вечерва, сами Вие (знаете на кој се обраќам) треба да размислите дека ако #Немаправданемамир“.

Скопскиот диџеј Зоран Ристевски или познат како Зоки Бејбе уште во текот на вечерта напиша дека таква ноќ не смее да се случува во една метропола.

„Во време кога клупската култура е предмет со кои се занимаваат студиозно на сите нивоа државите структури за промоција на своите метрополи во сериозни центри со вибрантен и богат ноќен живот или во превод клабинг, кај нас се прават инспекциски претреси кои целосно изгледаат како рации. Брутално! Сликата и штетата за сите и градот Скопје е повеќе од трагична. Музика во клуб да се исклучува за рутински контроли е повеќе од бизарно. Зошто сѐ мора да изгледа вака и зошто нема тековна комуникација. Клабингот е музичка култура која инволвира сериозна креативна популација која буквално живее од оваа уметност и професија. Конечно, што е со стресот кои им се случува на полнолетни луѓе кои дошле да танцуваат на диџеј-сет. Инсистирам да се доближи природата и значењето на една врвна културна сцена која во Македонија постои од раните ’90 и која е корисна за сите аспекти на културниот живот. Ноќ каква една метропола не смее да си дозволи да се повтори!“, напиша Зоки Бејбе на својот профил на Фејсбук.

На полициската акција реагираше и Уранија Пировска од Хелсиншки комитет и најави дека ќе бараат одговори зошто има потреба да се демонстрира сила со огнено оружје во дискотека полна со луѓе.

„МВР се слушаме? Постојат правила и стандарди за примена на мерки за присилба! Ќе се бараат одговори за потребата да се демонстрира сила со огнено оружје во дискотека полна со луѓе! Ќе се постави и прашањето на командна одговорност! Кој ја дал наредбата и зошто? Полицијата постои да ги заштитува граѓаните и да постапува во рамки на дозволена и неопходна примена на сила и мерки за присилба, секогаш заради обезбедување на сигурност и безбедност! Не ни треба уште една власт која преку полицијата ќе покажува моќ и ќе влева страв кај граѓаните!“, напиша Пировска.

Од Министерството за внатрешни работи сè уште не излегоа со официјална информација до јавноста за тоа што точно се случуваше минатата ноќ и за каков вид акција станува збор. Тие најавија дека со детали ќе излезат во текот на денешниот ден.

 

фото: Илустрација