Поканата за Македонија ставена како точка на Самитот на НАТО во Брисел


Северноаталантскиот совет денеска донел едногласна политичка одлука да ја стави точката за покана на Македонија во НАТО на самитот на Алијансата на 11 и 12 јули во Брисел, објави денеска од собраниската говорница премиерот Зоран Заев.

Со тоа, рече Заев се остваруваат вековните аспирации на сите генерации пред нас и на сите граѓани на Македонија.

Претходно, и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг најави дека е можно да биде испратена покана за членство на Македонија во Алијансата на самитот што на 11 и 12 јули ќе се одржи во Брисел, откако Скопје и Атина постигнаа договор за спроот за името.

– Се надевам дека ќе има напредок со поранешната југословенска Република Македонија бидејќи тие постигнаа договор со Грција за проблемот со името. Ако тој договор биде финализиран и целосно применет новото име ќе биде Република Северна Македонија и тогаш можеме да тргнеме кон членство на поранешната југословенска Република Македонија во НАТО. Искрено се надевам дека тоа ќе можеме да го направиме, изјави Столтенберг во интервју за француската телевизија „Франс 24“.