Позорникарите наместо во маалата, го бранат Собранието


Маалските полицајци наместо да функционираат како позорна служба по маалата, тие секојдневно го бранат Собранието, предупредува Независниот полициски синдикат. Полицајците бараат итна промена на воведеното ново седумчасовно работно време за униформираната полиција бидејќи ваквиот начин на работа, според нив, се покажал како непродуктивен, незаконски и штетен како за полицајците, така и за граѓаните.

„Новата реформа – воведување позорна служба треба да се спроведува во согласност со законите и на начин кој ќе биде ефикасен и ќе покаже реални бенефити за безбедноста на граѓаните. Спроведениот нов начин на организирање на смените претставува огромен проблем за вработените. Раководителите – командири и началниците не го почитуваат Законот за работни односи. Во ваквиот незаконски начин на работа се создаде големо незадоволство кај вработените и сите овие работи придонесуваат за пад на моралот и желбата за работа на полицијата“, вели портпаролот ја полицијата Дејан Саздов.

Според нив, стапката на криминалот, по воведувањето на ваквиот начин на работа, наместо да се намали таа е зголемена.
„Довербата со граѓаните наместо да се зајакне, таа е намалена. Не може да се очекува маалските полицајци да функционираат како позорна служба бидејќи секојдневно народот ги гледа пред Собрание како демонстрираат сила“, велат од Синдикатот.

Тие им порачуваат на надлежните дека ако се спроведуваат суштински реформи и не се спроведуваат реформи поради популистички причини, потребно е на позорникарите да им се остави простор да ја работат вистински полициската работа со тоа што ќе се реорганизираат и ќе ги вратат старите смени од 12 часа кои се покажале како идеални за функционирање на полицијата.

Тие бараат итна средба со началникот на СВР-Скопје, Тони Јакимовски на која ќе предложат решенија. Позорникарите беа проект кој министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го промовираше како решение за проблемите и потребите на граѓаните.
Од СВР-Скопје им ветиле средба со началникот откако тој ќе се врати од одмор. (Ф.Ф.С.)