Позитивни спортски настани во 2017 година


1. Ракометарите на Вардар ја освоија Лигата на шампиони

Освоената титула на Вардар во ракометната Лига на шампиони е топ-спортски настап во 2017 година. По трите елиминации во четврт-финалето, „црвено-црните“ конечно успеаја да стигнат до престижниот трофеј по триумфот над ПСЖ (24:23) во финалето. Успехот во Келн значеше и дочек на вардарци од околу 150.000 луѓе во Скопје и нивно одликување со медал за заслуги од претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов. Покрај во ЛШ, Вардар победи и во домашното првенство, во Купот и во Суперкупот на Македонија и во регионалната СЕХА-лигата.

2. Фудбалерите на Вардар во групна фаза во Лига Европа

Фото: fkvardar.mk

Македонија, конечно, доби свој претставник во групна фаза во натпреварување на УЕФА. За историја се погрижија фудбалерите на Вардар кои со сензационалната елиминација на Фенербахче одекнаа силно во Европа. Иако настапите во групата Л ги завршија со пет порази и реми, сепак самите пресметки со Зенит, Реал Сосиедад и со Розенборг беа бинго за „црвено-црните“ и уживање за домашната јавност која по две и пол децении дочека да следи елитен клупски фудбал на „Телеком арена“.

3. Младите фудбалери на ЕП, А-тимот со најголем скок на ранг-листата

Во годината зад нас Македонија беше горда и со младата фудбалска репрезентација која беше прва што заигра на ЕП, во случајот во Полска. Под водство на селекторот Благоја Милевски, тимот У21 бескомпромисно им пркосеше на Шпанија, Португалија и на Србија. И покрај двата пораза и реми, младинците сепак се изборија за статус на херои со самото присуство на завршниот турнир. Одлична година имаа и сениорите кои со петте победи, трите реми и пораз напредуваа за 86 места на ранг-листата на ФИФА.

4. Перо Антиќ со Фенербахче ја покори Евролигата

Ѕвездени моменти во 2017 година и за Перо Антиќ. Поранешниот кошаркарски репрезентативец на Македонија третпат во кариерата го подигна трофејот во Евролигата. По двата што ги освои со екипата на Олимпијакос во 2012 и во 2013 година, во мај оваа година го стори тоа и со Фенербахче по убедливиот триумф над „црвено-белите“ од Пиреја (80:64). Успехот на континентален план го збогати и на локален план со освојување на победничкиот пехар во Суперлигата на Турција, откако во финалната серија беше „збришан“ Бешикташ со 4:0.

5. Таеквондистот Дејан Георгиевски „позлати“ во Софија

Одличен резултат во последниот месец од 2017 година и за Дејан Георгиевски кој на 18-годишна возраст стана сениорски европски шампион во олимписки спорт таеквондо. По победите против ривали од Италија, Турција, Германија и Украина, во финалето беше подобар и од борец од Русија на турнирот во Софија. Георгиевски е еден од 12 стипендисти кои потпишаа договори со Македонскиот олимписки комитет (МОК) како еден од потенцијалните наши претставници на Олимписките игри во Токио во 2020 година.