Пожар во Кочанско: Изгореа над 12 хектари борова шума


Повеќе од 12 хектари борова шума изгореа во атарот на кочанското село Пресека, на падините на Осоговските Планини.

Пожарот што избувнал синоќа се уште не е изгаснат, а противпожарните екипи се соочуваат со силен ветер и тешко пристапен планински терен.

– Во гаснењето се ангажирани две наши одделенија со десет пожарникари и три возила, а ни помагаат и вработени од шумското стопанство „Осогово“. Огнот брзо се шири поради сувата вегетација и главна цел ни е да го спречиме проширувањето на буковата шума, поради што интервенираме повеќе од 12 часа. Поголем дел од пожарот веќе е локализиран и ставен под контрола, истакна Благој Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица од Кочани.

Според Паунов, се работи за подметнат пожар поради кој е предизвикана огромна материјална штета, а за што се известени и надлежните инспекторски и истражни органи.