Пожар беснее на Стогово, над селото Селци, го гаснат со лопати


Голем пожар на борови и дабови дрвја на падините на планината Стогово во Општината Струга се заканува да ги пеплоса куќите во селото Селци. Пожарот е активен веќе цела недела, а мештаните велат дека нивните апели за помош ги игнорираат сите институции. Пожарот секој ден е поблиску до селото, а две семејства кои во моментов живеат таму се надеваат дека барем дождот ќе ги спаси.

„Сите институции во Дебар и во Струга се известени за пожарот. Секојдневно испраќаме апел, дури се доведовме во ситуација да користиме лични познанства за да дојде некој и да ни помогне. Од Струга ни рекоа дека ќе преземат мерки доколку почнат да горат куќите, дотогаш немале намера да доаѓаат. На голема среќа реагираа од Дебар. Местото не е достапно за возила, па со гребла, лопати и слични алати се обидуваа да направат појас, благодарни сме и за тоа. Но, сепак тоа не е доволно бидејќи нашето село е на припек. Наутро пожарот е помал поради росата, но напладне се разгорува. Шумата е покриена со суви лисја. Се молиме ветрот да не го промени правецот бидејќи за минута може да изгори цело село“, велат жители на Селци.

Истото, се присетуваат, се случувало и пред две години, но тогаш по само два дена од почетокот на пожарот заврнал дожд и ги спасил куќите. Селото има малку постојани жители, во моментов само две семејства, бидејќи во селото луѓето доаѓаат од март и си одат кон крај на ноември. Тие се жалат дека животот им е во опасност бидејќи поради неажурноста на локалните власти е дозволено пожарот многу повеќе да се рашири по шумата.

„Горат и селските гробишта, а не можеме самите да ја локализираме стихијата. Не спиеме по цели ноќи, не знаеме дали ќе се задушиме од чадот или ќе изгориме ако заспиеме. Секој ден чистиме околу куќите и прскаме со вода, немоќни сме, не разбираме зошто не се решава овој проблем, зошто сите молчат, зошто никој не се одлучи да испрати хеликоптер, толку ли е проблем тоа. Седум дена живееме во пекол“, велат луѓето кои во моментов се наоѓаат во Селци.

Тие се благодарни на локалните власти во Дебар бидејќи, како што велат, да не биле нивните заложби досега ќе го немало селото. Сепак, за да бидат безбедни потребна е многу поголема и поорганизирана акција.

„Правиме сè што можеме, но, ако изгасиме на едно место, погоре повторно се распалува. Има дебел слој суви лисја, како да одиш по тепих. Не дозволуваат да се локализира огнот“, велат тие.

Во Регионалниот центар за управување со кризи од Дебар, пак, велат дека од шумското претпријатие „Стогово“ добиле информација дека пожарот што им се заканувал на куќите во Селци е локализиран викендов. Од РЦУК тврдат дека било излезено во пресрет на апелите на населението и дека во моментов немаат информација за нов пожар. (С.Н.)