Подобник: Ситуацијата во Македонија е ветувачка, Бугарија мора да ја поддржи на патот кон ЕУ


Како претседавач со Советот на Европската Унија, Бугарија мора да даде нов импулс за европската интеграција на Западен Балкан. Ова го вели во интервју за БГНЕС, Јанез Подобник, поранешен претседател на словенечкиот парламент и министер за финансии на Словенија. Тој во моментов е исто така авторитативен политички консултант за меѓународни односи.

„Многу сум задоволен што еден од приоритетите на бугарското претседателство со ЕУ е Западен Балкан. Оваа идеја е многу позитивна“, рече тој и додаде дека Бугарија треба да мотивира и да даде нов поттик додека го води претседателството на ЕУ и да помогне да ги придвижи овие земји кон ЕУ.

Според него, ситуацијата во Република Македонија е многу ветувачка.

“Новата влада воспостави многу добри односи и соработка со Бугарија. Ја поддржувам оваа одлука. Сигурен сум дека како членка на ЕУ, Бугарија ќе ги поддржи напорите на Македонија за влез во Унијата“, рече Јанез Подобник.

Поранешниот претседател на словенечкиот парламент смета дека главниот предизвик пред Балканот е како да ја зајакне соработката во областа на енергетиката, транспортот, економијата, за регион да се насочи кон мирот и соработката, а не кон конфликти.