Подемот, подемот – и падот на најбогатиот Македонец


Сите очи, покрај во експремиерот Никола Груевски, деновиве се вперени во најбогатиот Македонец, Орце Камчев (48). Ќе успее ли да се извлече од обвиненијата редовниот претплатник на листата на „Форбс“, кој се наоѓа во 30-дневен притвор како првоосомничен во најновата истрага на СЈО под кодно име „Империја“?

За недопирливиот тајкун и „државен пријател број еден“ стварноста очигледно не се одвива како што тој веројатно замислувал. Неполни два месеца по интервјуто во кое го глорифицираше премиерот Зоран Заев, квалификувајќи го како „најхрабар лидер што Македонија некогаш го имала“, тој заврши во затворот во Шутка.

За бизнисменот навикнат на луксуз, кој во интервјуто ѝ соопшти на јавноста дека лично би го потпишал договорот со Грција, затворот и не е непозната средина. Таму кратко – неполни 24 часа – престојуваше и во 2005 година како осомничен во аферата со даночни затајувања. Беше ослободен со кауција од 60.000 евра, иако неколку месеци претходно пребегна во странство и по него беше распишана потерница. Пазарната инспекција, како што објавија тогаш медиумите, му откри неевидентирана стока во магацините на „Орка холдинг“.

На крајот куртули и од притвор и од затвор, за разлика, да речеме, од Војо Михајловски, Ламбе Арнаудов, Љубен Пауновски или Љупчо Поповски, функционери осомничени за злоупотреба на државни пари, кои остануваа во Шутка и по неколку недели или месеци, а потоа добија затворски казни.

Нема голема политичка пратија што по осамостојувањето на некој начин не беше поврзана со Орце Камчев. Кратките црвени панталончиња и карирана кошула со трегери од славната фотографија од неговите голобради денови во СДСМ, на која тој стои покрај лидерот Бранко Црвенковски и Радмила Шекеринска, практично, ја симболизира неговата максима дека за да се вивне капиталот во небески височини мора да има и политичка закрила.

На некогашниот потпретседател на младината на социјалдемократите таквиот модел на функционирање му донесе брз раст на бизнис-империјата, која ја основа неговиот татко Илија Камчев, особено во последната деценија во владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, со чии најистурени фигури се испреплете и во кумски врски. По двата развода од иста жена – Олга Костовска (ќерка на бизнисменот Трифун Костовски) во 2007 година, кратко по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт се ожени со адвокатката Ана Ѓоргиева, а кум му беше тогашниот шеф на тајните служби Сашо Мијалков.

За разлика од времето во СДСМ, каде што беше потпретседател на младината (кога негова претпоставена беше Шекеринска), а потоа беше и кандидат за пратеник на изборите во 1998 година (загуби од кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ Данило Георгиевски), во ерата на ВМРО-ДПМНЕ не пројавува политички амбиции. Само чисто бизнис-интереси.

Од СДСМ замина во 2003 година. Близок со ВМРО-ДПМНЕ е неговиот татко, за кого практично се врзува влезот на Камчев во светот на бизнисот и „игрите без граници“. Орце Камчев на некој начин е потврда на тезата која и денес циркулира меѓу младите дека најдобра професија е наследник.

Неговото богатење почнува токму во времето на приватизацијата на „Македонија спорт“ – социјалистичкиот див под диригентската палка на Илија Камчев. Во 1990 година се основа фирмата „Орка“ која на почетокот, исто така, ја води неговиот татко, а подоцна оваа фирма, која првично се занимава со трговија со спортска опрема, прераснува во „Орка холдинг“.

Познавачите се согласни дека причина за проблемите во кои длабоко нагазува Камчев лежат во абнормалното и агресивно ширење и финансирање во сè што може на човек да му падне на памет.

А, за тоа за каков мегаломански бизнис модел станува збор најдобро говори фактот дека не постои област во која тој не влегол да стопанисува – прехранбена индустрија, градежништво, земјоделство, здравство, угостителство, трговија, банкарство…

Царството градено со политички врски сега му е доведено во прашање. Затоа, не чуди што во вмровските кругови сè уште циркулира ироничната констатација – „и Орце не сакаше сè да купи“.

Според порано објавени податоци Камчев бил или е сопственик и акционер во многубројни фирми. До скоро наводно поседуваше акции во скопската болница „Аџибадем Систина“, но има значаен удел во млекарницата „Здравје Радово“, градежната компанија „Бетон – Штип“ (ангажирана на изградбата на мегапроектот за антиквизација на главниот град „Скопје 2014“), Стопанска банка – Битола, „Лозар“, „Пелистерка“. Според истражувањата на „БИРН Македонија“ „Бетон – Штип“ има изведено седум објекти во вредност од 55 милиони евра во центарот на Скопје. Во оваа компанија, како и во Стопанска банка – Битола, ЗИК „Пелагонија“ (која добива 6,5 милиони евра субвенции за само четири години, а се здобива со управување на 10.000 хектари земја), „Здравје Радово“ се наоѓа и капитал од мистериозната офшор-компанијата „Ексико“. „Секаде каде што е Камчев, таму е ‘Ексико’“, компанија со непознат сопственик“, пишуваа медиумите.

„Ексико“ и „Орка Холдинг“, како што се посочуваше, се појавуваат заедно во многубројни државни зделки или, пак, купуваат акции во истите компании. Двете компании имаат заедничка добивка од владини тендери и владино спонзорирани зделки.

Во една од „бомбите“, кои ги објавуваше тогашната опозиција предводена од СДСМ, која ги вклучува гласовите на Груевски и на тогашниот министер за транспорт Миле Јанакиески, се дискутира како илегално да се обезбеди легална градба на земјиште кое треба да се пренамени како градежно. Опозицијата тогаш објави документи што потврдуваат дека 17.000 квадратни метри земја на елитното Водно е купена како лозје од фирма од Белизе, чиј директор е кум на Груевски, како и компаниите „Ексико“ и „Кара“.

„Допрва ќе излезат на виделина сите криминали на Никола Груевски и Сашо Мијалков со Орце Камчев и други бизнис-партнери, преку кои криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ изнесе надвор од Македонија над пет милијарди украдени пари од граѓаните на Македонија“, зборуваа тогаш од СДСМ.

Камчев имаше сопственост и во крахираната издавачка компанија „Медиа принт Македонија“, која ги издаваше трите весници „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“, со која раководеше во тандем со Срѓан Керим, чие работење е, исто така, предмет на истрага на СЈО, меѓу другото, и поради незаконски донации во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013 година.

И покрај низата афери во кои беше поврзан Камчев, интересно Бугарија, каде што пред две години заедно со „Аџибадем“ ја купија најголемата приватна јапонска болница, побара тој да биде почесен бугарски конзул во земјава. Предлогот не доби амин од македонското Министерство за надворешни работи.

Камчев, кој е еден од петтемина притворени во случајот на СЈО, „Империја“, според информациите, се наоѓа на вториот кат од затворската установа каде што има подобри услови. Директорот на затворот Ѓоко Котевски информира дека тој е сместен таму на препорака од лекарот поради повисок холестерол. Посовремните ќелии беа изградени во 2006 година затоа што требаше да стигнат хашките случаи за воени злосторства.

Судија на претходна постапка им одреди мерка притвор во траење од по 30 дена и на Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски од вкупно 12 осомничени. Мирчевски е директор на контроверзната офшор-компанија „Ексико“, Панделески е директор на земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ и сопственик на „Пелистерка“, Јосифовиќ е соработник на Камчев, а Арсовска е сметководителка во неговите фирми.

Пред да биде притворен, Камчев во отворено писмо изјави дека е подготвен за соработка со СЈО.

„Компаниите во кои сум сопственик, под целосна одговорност, изјавувам дека ги почитуваат позитивните законски прописи во Македонија и токму поради тоа верувам дека многу брзо ќе се отстрани секаков сомнеж околу нивното работење. Отворени сме за соработка со СЈО, како и со сите други државни институции во земјава, а пред сè во интерес на одржување на квалитетна бизнис-клима и просперитет во земјава“, напиша Камчев.

Покрај петтемина притворени, во истрагата се опфатени уште седум лица. Обвинителството на Јанева ги сомничи за неколку кривични дела, меѓу кои за злосторничко здружување, перење пари, измама, злоупотреба на службена должност. Меѓу нив е и Сашо Мијалков.

Наум Котевски

 

Балканските богаташи те во притвор те надвор

 

Македонскиот бизнисмен Орце Камчев е последен на листата балкански богаташи за кои се водат обемни судски процеси. Дел од нив веќе го искусија притвореничкиот живот. Најбогатиот човек во Србија и пошироко во регионот, сопственик на „Делта холдинг“, Мирослав Мишковиќ, во 2013 година беше пуштен од притвор, каде што помина седум месеци со рекордна кауција од 12 милиони евра. Подоцна тој беше ослободен за дел од обвиненијата, а му беше укината и првостепената пресуда од пет години затвор поради помагање на својот син Марко да затаи данок од околу три милиони евра. За дел од обвиненијата сè уште траат судските процеси.

Некогашниот челник на „Агрокор“, Ивица Тодориќ, во средата во вечерните часови стигна во Хрватска и од загрепскиот аеродром веднаш беше спроведен во затворот „Реметинац“, со што беше завршена процедурата на неговото екстрадирање, која започна пред точно една година во Лондон. Тој беше уапсен на 7 ноември минатата година врз основа на европски налог за апсење што го распиша Хрватска, а истиот ден беше ослободен со кауција од 100.000 фунти и притворот му беше заменет со други мерки. На Тодориќ не му помогна ни што негов бранител беше Чери Блер (сопруга на поранешниот британски премиер Тони Блер), која важи за еден од најдобрите адвокати на Островот.

Тодориќ, кој пред неколку години се најде на листата на „Форбс“ на најбогати Хрвати, и уште 14 лица се под истрага поради должничката криза во компанијата „Агрокор“, злоупотреби во економското работење, фалсификување документи, криминал во водење на деловни книги. Компанијата над која надзорот го презеде државата вработува 60.000 луѓе во регионот.