Планинарските здруженија и Федерацијата сеуште молчат за трагедијата на Калина и Александар
И после 20 дена од трагедијата на младите планинари Калина и Александар, планинарите, нивните здруженија и Федерацијата, сеуште молчат.
Надлежното обвинителство нека си ја утврдува евентуална кривична одговорност. Ќе се осврнеме на прашањето за професионалната и моралната одговорност на Федерацијата на планинарски спортови (ФПСМ) и на нејзиниот претседател, уважениот Проф. Угриновски.
Замислете, Проф. Угриновски, не бил запознаен со фактот дека водичот на групата на Кајмакчалан, Зоран Костадиновски, бил прекршочно казнуван за бесправно организирање на вакви тури, а јавно се испрчи во одбрана на неговата „стручност“ за спасување на планинари во зимски услови, која се покажа на дело, на 10.02.2017. Дали истиот веќе покренал постапка за евентуално кршење на Кодексот на честа на планинарите? Наместо да го осуди молкот, тој изјави дека не е правник и дека не му се познати интерните процедури. Да го запрашаме уважениот хирург, дали влегува во операциона сала без запазување на строгите процедури и стандарди и дали оперира без ракавици и без операционен тим? Истиот, ниту еднаш не повика на покренување на соодветни постапки од страна на надлежните институции, инспекциски служби, полицијата и обвинителството. Наместо тоа, се обиде од себе да збрише било каква одговорност со трагикомичната изјава дека Калина, на минус 20 и ветер од 100 км на час, застанала да се „замези“ со еден сендвич и затоа се изгубила. Како дошол до оваа информација, кога знаеме дека помеѓу членовите на Трансверзалец владее молк ? Дали знае дека во ранецот на Калина, предаден на семејството, имало сендвичи, дали сака заеднички да ги изброиме ? Дали ја известил UIAA International Climbing and Mountaineering Federation, чијашто национална членка е Македонската Федерација од 1999 та година за трагичниот настан, дали се тие запознаени со фактот дека владее хаос во организирањето на планинарските спротови и дали јавноста ќе го добие на увид тоа известување ? Како воопшто функционира оваа Федерација, на чија веб страна има известие дека последната седница на Претседателството е во 2016 та година, а извештајот на Собранието е од 2015 та, а оттогаш наваму ништо??? На што личи нивниот Статут од 2014 та година, кој содржи терминологија, како „ целите на Федерацијата се : кај своите членови и граѓани да развива љубов спрема планината, − да работи на запознавање и зближување со другите народи во светот, да ги негува традициите од историското минато и НОВ (Народно ослободителната војна). Во кој век живеат уважените членови и Претседателот ? Небаре читате поезија, а не правила за постапување во опасна област во која се губат животи!
Од подоцнежните изјави на вистински спасувачи и од објавениот видео запис за спасување на француските скијачи, целата јавност го констатира фактот дека планинарите можеле да бидат спасени, доколку во тие 11 часа од констатирањето на нивното исчезнување, навремено се алармирале компетентните стручњаци. Го прашуваме Зоран Костадиновски, зошто се јавил на планинарскиот сојуз во Битола во 03 часот на 11 ти Февруари, а тоа не го сторил 12 часа порано, кога ја узнале својата некадарност да ја спроведат спасувачката акција. Зошто за пријавениот проблем не го разбудиле од зимски сон Угриновски? Се надеваме дека дипломатските претставници на Република Грција во Република Македонија ќе помогнат експедитивно и ефикасно, по дипломатски пат, да се добијат потребните докази за да се утврди огромното доцнење и неодговорноста на грчките спасителни служби кои дошле многу доцна и ги оставија децата во снегот, „претпоставувајќи“ дека Калина е мртва, а Александар, жив, ама се откачил од јажето?
Трагичното загинување на Калина и Александар ја потресоа целата македонска јавност. Долго ќе ги слушаме нивните повици за помош, која не пристигала цели 11 часа, за на крајот да замрзнат живи во снегот. Тие, нивните големи другари, пријатели, кои упорно молчат со гласен, срамен молк, им го должат одговорот на роднините, блиските, но и на целата вознемирена македонска јавност, а Претседателот на Федерација, уважениот хирург, достоинствено да си ја предаде функцијата на млади кадарни луѓе, кои ќе направат ред во планинарските спортови, во кои нема да има нови жртви поради ваква монтруозна негрижа и некомпетентност.
Роднина на загинатите