Пет милиони евра ќе нè чини новиот шеф на државата


Државната изборна комисија е подготвена за претседателските избори, уверува претседателот на ДИК, Оливер Дерковски. Ќе се гласа на стариот начин, со ултравиолетова лампа и спреј, а според проценките ќе бидат потрошени околу пет милиони евра. Најмногу, околу три милиони евра, ќе се одделат за надоместоци за избирачките одбори, а останатите се за транспорт и изборен материјал. Околу 300 илјади евра ќе се одвојат за сместување на избирачките одбори.

Дерковски најави дека се работи на тоа за наредните парламентарни избори да се гласа со нови технологии, поточно со примена на електронски отпечаток од прст.

„Постојат инструменти што го вчитуваат отпечатокот од прстот и вршат идентификација, се појавува ваша фотографија, а потоа излегува гласачкото ливче. Целта на примената на новите технологии е заради постојаните забелешки за маани и недостатоци во избирачкиот список и заради подигање на довербата и остварување на принципот еден човек еден глас. Засега, лампата и спрејот сè уште остануваат како превенција од можни злоупотреби“, кажа Дерковски.

За да се отстранат сомневањата околу Избирачкиот список, од ДИК предлагаат да се воведе електронско гласање и електронска проверка на податоците. Но за тоа е потребно време и измени на Изборниот законик. Експертите сметаат дека проблемот со избирачките списоци ќе постои сè додека не се воведе вакво гласање. Дигиталното или онлајн гласање овозможува гласачите да го искористат своето право на глас надвор од избирачкото место, така што се пристапува кон веб-апликација која би се нашла на веб страницата на ДИК.

Електронското гласање не е замена за класичното, туку само можност за оние кои во тој момент не можат да пристапат до гласачкото место. Тоа е, според познавачите, еден вид дополнување, како што во многу земји е гласање по пошта. Предностите на тоа гласање се намалување на трошоците и зголемување на излезеноста бидејќи би биле вклучени луѓе на кои одредено избирачко место не им е реално достапно за време на изборниот ден. Исто така би се елиминирале неважечките гласачки ливчиња и би се забрзало броењето. Недостатоците се поврзани со безбедносните ризици, односно сомневање во кражба на идентитетот, во можноста за хакерски напад и манипулација однатре.

Ваквиот систем на гласање е најзастапен и активно се практикува кај развиените држави, како САД, Канада, Бразил и Венецуела на американскиот континент. Во Азија, Јапонија е земјата што е синоним за ваков тип гласање, а во Европа електронското гласање се користи во Холандија, Британија, Естонија, Швајцарија, Франција, Ирска и други. (Н.К.)

 

ДИК вработува девет извршители

 

ДИК објави оглас за вработување на 9 извршители на определено време, односно до 31 декември 2019 година. Според огласот, ДИК има потреба од раководители во Секторот за Избирачки список, евиденција на избирачкото право, составување и ажурирање на избирачкиот список и описот на избирачките места, во Одделението за буџетска контрола, Одделението системски софтвер и одржување и во одделението за информирање и меѓународна соработка.

Исто така, ДИК има потреба од советник за буџетска координација, како и соработници за евиденција на донесени подзаконски акти и упатства, за координација во подрачните одделенија и координација на внатрешна ревизија. ДИК има потреба и од еден виш соработник координатор со изборните органи и други органи. Се очекува овие работни места да бидат пополнети пред трети февруари, кога се очекува распишување на претседателските избори.