Пет милиони евра за нова печка во „Дрисла“


Депонијата „Дрисла“ за три месеци ќе добие нова печка за согорување отпад со што би требало да се намали аерозагадувањето во Скопје. Градот Скопје даде кредитни гаранции во висина од 4,5 милиони евра за набавка на нов инсенератор, кој на температура од над 1.600 Целзиусови степени ќе уништува медицински, хемиски и органски отпад, дознава „Независен весник“. Досегашната печка, која Скопје ја доби како подарок од Велика Британија и која се споменува како еден од виновниците за високото ниво на загаденост во воздухот, нема повеќе да се употребува, а дотогаш, ќе мора да се стави воден филтер, кој би требало да го задржи во оџакот чадот од согорениот отпад.

Ова се дел од мерките на Град Скопје и на Министерството за животна средина, кои би требало да ја симнат македонската метропола од врвот на најзагадените градови во светот. Сепак, потенцираат оттаму, депонијата „Дрисла“ не е најголемиот загадувач, а тоа, наводно, не се ниту фабриките од чии оџаци се издигаат црни и темни облаци со чад.

Сите фабрики што имаат А-еколошка дозвола, имаат вградено филтри на оџаците, но не се проблем само тие. Еве, на пример, деновиве, како една од преземените мерки исклучени беа оџаците на ‘Дрисла’, на ‘Макстил’ и на цементарницата УСЈЕ, кои постојано се споменуваат како најголеми загадувачи. Најголем дел од фирмите имаа споено празници, учениците и студентите не беа на настава, сообраќај практично немаше, времето беше релативно топло за ова време на годината, а Скопје, сепак, беше прв, втор или трет најзагаден град во светот. Нашите анализи покажуваат дека 53 проценти од аерозагадувањето доаѓа од домаќинствата, кои не прибираат што и како ќе користат за затоплување на домовите. Се употребуваат дури и гумени чизми, но што можеме да направиме?

Има логично објаснување и зошто Лисиче е постојано најзагадено… Тоа е затоа што е на пониско ниво од Ѓорче Петров, така што сѐ се слева таму“, тврдат градските власти.

Оттаму брифираат дека новата печка не добила градежна дозвола за поставување од 2014 до 2016 година, додека владееше старата власт. Во октомври лани, со доаѓањето на новата градска администрација, издадена е дозвола и во моментов се работи на поставување столбови, покриви…

Оваа печка, која ја имаме во моментов, е ќумбе во споредба со таа што ќе ја имаме. Треба да биде донесена до 15 април, ќе има 45 дена рок за поставување и веќе во јуни ќе почне пробно да работи“, информираат нашите извори. Новата печка, која е од германско производство, ќе сочува во оџакот до 95 проценти од штетните материи што ќе ги согорува.

Од Градот појаснуваат дека во моментов има само една печка во „Дрисла“, а не неколку, како што наголемо се шпекулира во јавноста. Печката донесена во 2000 година тогаш и не била лоша, ги исполнувала законските норми донесени истата година, но по 18 години логично е дека работите се промениле, самата технологија е отидена напред…

Имаше разни сомневања каков отпад се гори поради што, меѓудругото, е донесена забрана за увоз на медицински отпад. Од 2013 до 2017 година не е евидентиран увоз на ваков отпад од странство. Во септември 2016 година добиено е барање од ‘Дрисла’ за увоз, но одбиени се поради тоа што не ги исполнуваа технолошките стандарди“, уверуваат од Министерството за животна средина.

Депонијата „Дрисла“ е единствената во Македонија што поседува дозвола за согорување медицински отпад и поради тоа таму се складира и уништува отпадот од целата земја. Се прават обиди за менување на законската легислатива и третирање на отпадот уште во самите медицински установи. Во Македонија има и 66 диви депонии поради што ќе се градат регионални депонии, но тоа ќе ги покачат и комуналните услуги, па локалните власти тактизираат.

На крајот, според извори од Град Скопје, во градот дневно влегуваат по 12.000 возила од исток, односно 18.000 возила од запад. Низ центарот дневно минуваат по 40.000 автомобили, кои исто така имаат свој удел во загаденоста. Се предвидува изградба на две огромни паркиралишта во Ѓорче Петров и во Гази Баба, каде што граѓаните од внатрешноста ќе ги оставаат своите возила, а потоа со автобуси ќе се упатуваат во центарот на Скопје. Кога ќе дадат плод предвидените мерки, тешко е да се предвиди, но властите очекуваат проблемот со загадувањето да се решава постепено. Дотогаш, Скопје останува на пиедесталот на најзагадените градови во светот.

Матна сопственичка структура на „Дрисла“

Депонијата „Дрисла“ е јавно-приватно партнерство помеѓу Град Скопје и италијанската фирма ФЦЛ „Амбиенте“ со договор склучен во 2011 година. Оттогаш наваму трае судската битка во која е вклучена на тендерот второпласираната фирма од Германија која, според извори од Град Скопје, според последното решение на судот, е победник на огласот. Процедурата не е готова, сега се жалеше и Град Скопје, од каде што очекуваат Вишиот управен суд да донесе одлука со која целиот тендер се прогласува за неважечки, а „Дрисла“ се враќа во владение на градот.

Самиот договор е чуден. Градот има сопственост на 20 проценти со капитал од 2,5 милиони евра, а Италијанците поседуваат 80 проценти со влог од 10.000 евра. Градот нема никаква моќ врз секојдневното менаџирање на депонијата, има само еден член во Управниот одбор. Италијанците немаат инвестирано ништо од тоа што го ветиле, само некои технички детали. Очекувам и тие да се жалат на одлуката на судот, но тоа не нѐ прави пријатели со нив. Сакаме судот што е можно побргу да донесе решение, затоа што воздухот што го дишеме нѐ убива сите. Доколку ‘Дрисла’ ни биде вратена, ќе работиме на изградба на фабрика за отпад“, брифираат од Град Скопје.

Горан Адамовски