Петровски: Мукоски е патриот, ама е уценет и исплашен


Крсте Мукоски го знам дваесетина години, тој е патриот, ама се гледа дека е уценет и исплашен. Тоа што гласаше за уставните измени, сигурно не е по негова желба, вели Филип Петровски, кој беше дел од тимот на „Македонија блокира“, кој вчеравечер го посети домот на пратеникот Мукоски во Вевчани. Тие му врачија писмо во кое бараат да не гласа за промена на државното име во следните фази, почитувајќи ја јасно изразената волја на македонскиот народ.

„Целта ни е да потенцираме оти работата не е завршена и имаат време убаво да размислат и да се повлечат. По средбата со Мукоски, добив впечаток дека е уценет и исплашен. Додека бевме кај него дома, видовме дека специјални полициски единици го чуваат дури и во наше присуство. Се знаеме дваесетина години, знам дека е патриот и ова што го прави не е по негова желба. Побарав и тој и другите пратеници да се справат со заканите, а ние како народна групација ќе ги заштитиме ако биде потребно. Доколку сториле кривично дело – нека одговараат, но името на државата не смеат да го променат“, вели Петровски за „Независен весник“.

Тој напоменува дека писмо со иста содржина ќе биде испратено до сите 120 пратеници, како и до „белиот дворец“ на ВМРО-ДПМНЕ и тоа на „порадикален начин“. (Г.А.)