Пензионерите можат да аплицираат за бањско-климатска рекреација


Македонските пензионери во наредните триесетина денови ќе можат да аплицираат за користење на услугата за бесплатна бањско-климатска рекреација.

Барањата треба да ги доставуваат во филијалите на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, каде ги има потребните формулари.

Доколку корисникот на пензија користи и пензија од друга држава со која Република Македонија применува договор за социјално осигурување, задолжително треба да достави потврда од банка за износот на странската пензија.

Во случај да користи паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност и слепило или додаток за глувост нема потреба да доставува потврди за користење на овие права бидејќи ќе се врши проверка преку електронска размена на податоци меѓу институциите.

Повикот за користење на услугите е објавен на веб-страниците на Министерството и Фондот на ПИОМ.

Услугата „Бањско климатска рекреација“ може да се користи еднаш, во период од март до ноември 2018 година, во траење од седум дена. Опфаќа шест полни пансиони, бањска терапија, задолжителен здравствен преглед и трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта по завршување на користење на услугата.

Корисниците на пензија кои ја искористиле услугата во претходните три години немаат право да ја користат оваа услуга во годинава.

Рангирањето на корисниците на пензија кои ќе ги користат услугите се врши според бодови и тоа: до 50 бода ќе се добива во зависност од висината на пензијата, односно повеќе бодови за помала пензија, до 30 бода во зависност од времетраење на користење на пензијата и должината на пензискиот стаж до остварувањето на правото на пензија, 10 бода за корисници на пензија кој пензијата ја оствариле како работници во рудници во подземен ископ со стаж на осигурување со зголемено траење и 10 бодови за лице што користи паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност и слепило, додаток за глувост како и лица коишто имаат инвалидност над 80 проценти.

Барањата за користење на оваа услуга ќе можат да се поднесат до 16-ти февруари  2018 година.