Пендаровски си оди од парламентот


 

Стево Пендаровски, претседателскиот кандидат на СДСМ во 2014 година, најверојатно, заминува од парламентот, каде што за првпат беше избран за пратеник во декември 2016 година, како носител на листата во Првата изборна единица на тогаш опозициската, а сега владејачка коалиција.

Според наши информации, Пендаровски, кој, претходно, беше долги години советник за надворешна политика и за безбедност на Борис Трајковски и на Бранко Црвенковски ќе биде именуван за национален координатор за НАТО. Очекуваната одлука за именување на Пендаровски на нова позиција – овој пат во извршната власт, треба да ја донесе Владата и тоа би можело да се случи на некоја од наредните седници, а можеби уште денеска.

Пендаровски вчера, во изјава за „Независен весник“, ниту ги потврди ниту ги негира информациите за негово преминување на нова функција. Тој рече дека ќе коментира ако има формална одлука во таа насока.

Функцијата национален координатор за НАТО долги години беше испразнета, а едно време ја извршуваше актуелниот шеф на дипломатијата Никола Димитров. Оваа позиција стоеше непополнета речиси исто толку време колку што беше замрзнат и процесот за зачленување на Македонија во Алијансата, односно безмалку една деценија.

Во 2008 година, Пендаровски, тогаш како советник во кабинетот на претходниот претседател Црвенковски, беше дел од нашата делегација во Букурешт, кога Македонија, единствена од земјите во Јадранската група, доби „вето“ за членство во НАТО, поради проблемот со името.

Пополнувањето на местото национален координатор за НАТО доаѓа во време кога политиките на новата Влада се насочени кон постигнување на стартешката цел на Македонија – полноправно членство во Алијансата. И кога се забележуваат големи раздвижувања во односите со Грција, откако, пред една деценија, долгогодишниот спор со јужниот сосед стана главна, но не и единствена препрека за нашата земја на патот кон евроатлантските интеграции. (А.М.М.)