Пендаровски: Во оптимални околности Македонија членка на НАТО во првиот квартал на 2020


Македонија и Грција го решија спорот со името, Договорот од Преспа беше ратификуван од македонскиот Парламент, а минатата недела поддршка добија и уставните измени, кои произлегуваат од договореното. Сега вниманието е насочено кон Атина и тамошните чекори за рафитикување на Договорот, а доколку се се одвива според планираното, заедно со процесот на ратификација на Протоколот за членство во НАТО во оптимални околности, Македонија во првиот квартал на следната година би станала 30. полноправна членка на Северноатланската алијаса.

Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски во изјава за МИА вели дека процесот на ратификација на Протоколот има рутински карактер и вообичаено трае околу една година.

– Процесот на ратификација е од рутински карактер и обично трае околу 12 месеци, по што, НАТО упатува покана до земјата кандидат да се приклучи кон Алијансата. Во оптимални околности, логично е да се очекува дека Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО во првиот квартал на 2020 година, истакнува Пендаровски.

Грција најави дека ќе биде прва членка на Алијансата која ќе стави потпис на Протоколот, откако Договорот од Преспа ќе помине во македонскиот Парламент, а потоа ратификуван и во грчкиот, но премиерот Алексис Ципрас утре ќе се соочи со гласање на доверба на неговата Влада, која сам ја побара, откако неговиот коалициски партнер, лидерот на Независни Грци, Панос Каменос, кој се противи на договореното меѓу Скопје и Атина, ја напушти владината коалиција.

-Најнов момент во Атина е барањето за доверба на грчката Влада и дури потоа е закажана постапката за ратификација на договорот од Преспа. Ако Владата во Атина ја добие довербата, некаде на почетокот на следната недела се очекува ратификацијата да помине со 151 глас од вкупно 300 пратеници во грчкиот Парламент. Потоа, грчката Влада има обврска да го информира генералниот секретар на НАТО, Столтенберг дека повеќе не постојат пречки за влез на Македонија во НАТО, по што ќе следи потпишување на Пристапниот протокол меѓу Македонија и Алијансата, појаснува Пендаровски во изјава за МИА.

Запрашан да даде оценка за тоа дали ќе успее грчката страна да го исполни својот дел од Договорот, со оглед на новонастанатата политичка ситуација по излегувањето на Каменос од коалиција со Ципрас, Пендаровски вели дека изворни информации нема, а за тоа што се случува во Атина се потпираат на информациите кои до нив доаѓаат од грчката Влада.

-И според тие информации независно од излегувањето на Каменос од Владата, Ципрас, сепак, ќе успее да собере мнозинство од сите пратеници во Парламентот. Јасно е дека ако има мнозинство за доверба на Владата, ќе има мнозинство и за ратификација за спогодбата за името и тоа би се постигнало со гласовите на пратениците од една политичка партија која не е формално дел од Владата, но, ја поддржува за ова прашање и со гласовите на неколку т.н. независни пратеници, нагласи Пендаровски.

Појаснува дека пристапниот протокол е унифициран документ и има пред се правно-технички карактер. Него го потпишуваат сите земји-кандидати за членство пред да станат полноправни членки. Протоколот е кус, содржи само неколку одредби во кои е опишана процедурата според која земјата станува полноправна членка.

– По потпишувањето на Пристапниот протокол, Македонија ќе стане дел од сите работни тела и органи на Алијансата, со право да учествува во дискусиите, но, без право на глас и таквиот статус ќе трае се додека не заврши процесот на ратификација во парламентите на сите 29 земји членки, истакнува националниот координатор за НАТО.

Целосното спроведување на Договорот од Преспа е и формален услов во поканата што НАТО и ја упати на Македонија на Самитот во Брисел на 11 и 12 јули. Решавањето на спорот беше првото нешто што требаше да се направи за да се отвори патот на земјата кон Алијансата, а овој услов се темели на членот 10 од Вашингтонскиот договор, според кој нови земји стануваат членки на Алијансата со едногласна одлука на останатите членки.

Секоја од 29-те земји членки треба да го ратификува Протоколот согласно националните процедури кои се разликуваат од држава до држава, а овој процес се очекува да заврши до крајот на оваа година. Откако сите земји членки ќе го ратификуваат Протоколот и ги известат САД, како депонент на Договорот, генералниот секретар на Алијансата ќе ја упати до Македонија поканата за влез.

Земјава потоа и самата треба формално да го прифати членството во НАТО со референдум или со гласање во Парламентот. Одлуката за пристапување потоа се доставува до Стејт департментот, со што формално станува членка на Северноатланската алијанса, која оваа година одбележува 70 години од основањето.

Македонскиот Парламент во 1993 усвои резолуција за членство, во 1995 година Македонија се приклучи кон Програмата Партнерство за мир, Канцеларијата на НАТО беше отворена во 1997 година, кандидат станавме во 1999 година.

Македонија најблиску до членство беше во 2008 година на самитот на НАТО во Букурешт. Алијансата тогаш констатира дека земјата технички е подготвена да влезе, но влезот беше попречен поради грчкото вето заради нерешениот спор за името.