Пахор: Им честитам на Заев и Ципрас за историскиот договор


Сакам да им честитам на премиерите на двете земји, Ципрас и Заев за договорот од истриско значење, вели словенечкиот претседател Борут Пахор во интервју за грчкиот весник „Катимерини”.

Тој коментира дека Договорот од Преспа е важно достигнување и важен чекор во правилна насока не само за двете земји туку и за целиот регион, а паралелно изразувајќи надеж дека ќе се имплементира.

– И двете страни имаат голема одговорност за да се имплементира и се надевам дека напорите на Владата во Скопје ќе донесат соодветен одговор од Грција. Договорот, исто така, отвора врата за една подобра, корисна соработка и пријателски односи меѓу двете земји, факт што ќе биде во корист и на двете страни, вели Пахор во интервјуто и додава дека Грција треба да има важна улога во обезбедувањето просперитет и стабилност во регионот.

Словенечкиот претседател истакнува дека договорот е важен и за целиот Западен Балкан „бидејќи го отвора патот за земјата, чие ново име ќе биде Северна Македонија, за интеграција во ЕУ и НАТО”. А со тоа, според него, се создава нов моментум во процесот на пршоирување на ЕУ.

Пахор вели дека не знае дали и колку имало странска помош или интервенција во постигнувањето на договорот, но истакнува дека знае дека постигнувањето таков договор било желба на сите оние кои се заинтересирани за стабилност во регионот.

– Брисел, Берлин, Париз и секако Љубљана, се надевавме дека двете земји ќе стигнат до договор и се надеваме дека ќе се имплементира. Поради ова, не ми пречи било каков совет или поддршка што беа дадени за да се постигне овој договор, истакнува претседателот на Словенија, во интервјуто за „Катимерини”, пренесе МИА.