Папандреу: Ако го тргнеме спорот со името, Скопје е природен сојузник на Атина


За потребата да се најде решение на спорот со името, како доказ во пракса дека постои волја од македонска страна, говори поранешниот премиер на Грција, Јоргос Папандреу, во интервјуто за грчкиот весник „Етнос“.
Како што вели, се чини дека актуелната македонска Влада, сфатила дека иредентизмот води кон ќор сокак и коментира дека ако се тргне настрана името, тогаш Скопје е природен сојузник на Атина.
– Доколку сегашните околностите дозволат задоволително решение, пошироката геополитичка ситуација е уште една причина да одиме чекор понапред. Скопје, ако се тргне настрана името, е нашиот природен сојузник. Решавањето на проблемот, ќе ни дозволи повторно да ја искористиме нашата стратешка позиција на Балканот, вели Јоргос Папандреу во интервјуто за грчкиот весник „Етнос“, пренесува МИА.
Тој коментира дека во времето додека беше министер за надворешни работи, со неговиот македонски колега Георгиевски биле блиску до решение, а ги споменува и тактичките билатерални средби со Груевски, кога и двајцата беа премиери.
– Со Груевски, имав чувство дека го користи македонското прашање како оправдување за внатрешните проблеми, вели Папандреу.
Поранешниот премиер, во интервјуто, како што јавува дописникот на МИА од Атина, упатува критики до опозициската Нова демократија, поради ставот во прашањето со името, односно нивното барање, коалиционите партнери во владата да се согласат за една единствена и заедничка позиција.
– Не се согласувам со позицијата на Нова демократија. Во едно толку сериозно национално прашање, треба да преземеш одговорност, а не да бегаш, поставувајќи го како услов договорот на коалиционите партнери. Неприфатливо и неодговорно е да го прават господинот Каменос регулатор на ова национално прашање, коментира поранешниот грчки премиер за „Етнос“.
Јоргос Папандреу во периодот 2009-2011 беше премиер на Грција, а по внатрешно партиските несогласувања го напушти ПАСОК. Пред две години формираше своја партија „Движење на демократските социјалисти“, која е со мал рејтинг и мала популарност во Грција.