Падна уште една оставка во ВМРО-ДПМНЕ


Откако денеска оставката си поднесе претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Лука Кржалоски, неотповиклива оставка од функцијата поднесе и претседател на градски комитет на УМС, Томи Кепевски. Тој својата одлука ја соопшти во писмо до јавноста:

„Почитувани сопартијци и пријатели, мотивиран и охрабрен од денешната оставка на претседателот на Унијата на Млади Сили Лука Кржалоски, решив и јас да си поднесам неотповиклива оставка од функцијата претседател на Градски Комитет на УМС.

Во последниот период се почесто и повеќе разговорите со моите колеги активисти во партијата се сведуваат на тоа дека таа е воведена во една ситуација на безизлезност.

За жал, јасно е дека ова раководство застранува од стратешките определби и партнери на ВМРО и Република Македонија и служи како платформа за ширење на руското влијание. Овие коментари се уште посилни во градските кругови,каде што се движат обични симпатизери или неопределени граѓани. Сите тие очекуваат од нашата партија да ја преземе природната улога на лидер во нашата држава и да понуди одговор на сите погубни политики на СДСМ.

За жал тоа не се случува, туку гледаме меѓусебни препукувања, фракции, безидејност. Така не само што не нудиме алтернатива за граѓаните, туку и служиме за одвлекување на вниманието од вистинските проблеми. Ние сакаме една прогресивна и силна младина, која ќе биде рамо до рамо со другите младини на Европскиот континент и поголемото западно семејство!”, вели Кепевски образложувајќи ја својата оставка.