Мицкоски: И по цена на живот нема да го прифатам договорот


Додека македонската и грчката делегација, како и високите претставници на Европската унија и на Обединетите нации, ручаа во Отешево по потпишувањето на договорот за името во Псарадес (Нивици), ВМРО-ДПМНЕ протестираше во Битола. Во присуство на илјадници граѓани, најголемата опозициска партија повтори дека нема да гласа за уставните измени со кои се менува името на државата и оти со сите демократски средства ќе се борат за поништување на „капитулантскиот договор“.

Јас Христијан Мицкоски, од срце ви кажувам и со здрав разум зборрувам, гледајќи во Македонците, во граѓаните на Република Македонија, достоинствено и исправено, никогаш, па макар и по цена на животот, нема да го поддржам ова капитулантско дело на Зоран Заев, порача претседателот Христијан Мицкоски.

Тој рече дека Македонија е името по кое се препознаваме и се разликуваме од другите.

Не заборавајте, тоа е нашиот код. Верувам во принципи и вредности. И јас не можам да бидам ништо поинаку од она што се моите принципи и вредности. А за сето ова што сега и го прават сега на Македонија ќе дојде денот кога ќе одговараат и пред законите, но и пред народот“, рече Мицкоски.

Најави дека тој и раководството на партијата цело лето ќе бидат меѓу луѓето и ќе ги посетат сите градови и села. Рече дека ова ќе биде „Лето за Македонија“.

Ова лето ќе го посветиме за ‘Лето за Македонија’. затоа што тоа е нашиот долг кон нашата татковина. Тоа е она за кое што се бориме и ќе продолжиме да се бориме. Ќе биде посетен секој град од повеќе тимови на партијата. Ќе ги посетиме домовите на луѓето, ќе поразговараме со секој поединец. Ќе побараме мислење, ќе имаме граѓански собири на кои ќе ја кажуваме нашата вистина, нашата позиција и ставови. Заеднички ќе се спротивставиме на сето она што денес го мачи секој еден граѓанин. Народот мора да биде внимателен, не смееме да паднеме на изрежирани провокации“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Потенцира дека власта го потценила народот.

Имаме работа со влада и човек кој потпиша договор за капитулација. Запаметете капитулација. Имаме толку невешто водени преговори што сега на власт имаме влада која што го има епитетот ‘капитулантска’. А не само што нема победа. Гледате ли да се слави во Македонија за тоа што го направија денеска? Напротив, луѓето тагуваат и плачат. За каква победа сакаат да не убедат? На вакви лаги, дури и Барон Минхаузен би му симнал капа. Згора на тоа, видовме како се колне во претците, во дедовината, во татковината, се колне дека додека дишел нема да дозволел промена на уставот. Големата вистина е дека Заев со договорот го изменил идентитетот и тоа што договорот подразбира македонско и Македонци е нешто сосема ново и друго од тоа што ние сме биле досега. Има една категорија која е непозната за оваа партијата и тој човек. А таа категорија се вика се вика срам. Во оваа темнина за македонската држава во овој мрачен тунел за нашата заедничка иднина… едно е јасно: Заев мора да падне, за Македонија да може да се издигне“, заклучи Мицкоски. (Г.А.)