Ако не денеска, опозицијата се враќа на 15 јануари?


Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денес на претпладневна координација ќе одлучува околу понатамошното (не)учество во работата на парламентот. Ако опозицијата не се врати во Собранието на денешните продолженија на неколку пленарни седници, тогаш следен можен термин за нејзино вклучување во собраниските активности е 15 јануари, за кога е закажана нова седница на чиј дневен ред се ставени дел од реформските закони.

На денешната координација меѓу пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се очекува да биде постигнат договор околу најавениот закон за амнестија на осомничените за настаните во Собранието на 27 април минатата година. Опозициските пратеници треба да се усогласат кога би го доставиле законот во собраниската архива и дали тој може да биде основа за враќање во парламентот. Доколку законот за амнестија биде доставен во наредните денови, не се исклучува можноста тој да биде додаден како нова точка на седницата што почнува на 15 јануари. Со оваа седница, практично, почнува имплементацијата на дел од реформскиот пакет, за што се очекува и вклученост на опозицијата која, пак, е подготвена да учествува во процесот, иако како неформален услов за тоа го поставува ослободувањето на притворените за „црниот четврток“ во парламентот.

Парламентот се враќа денеска на работа, по неколкудневниот одмор за време на празниците, со продолжение на дури шест седници од минатата година, како и со заседанија на неколку комисии. Најважни точки се изборот на двајца нови уставни судии, законот за употреба на јазиците, како и измените на Законот за заштита од пушење.

Парламентарните активности што се закажани за 15 овој месец се сметаат за вовед во имплементацијата на реформските закони. Следниот понеделник ќе заседава Комисијата за европски прашања, каде што ќе бидат презентирани приоритетите на бугарското претседателствување со ЕУ. На дневен ред на пленарната седница што почнува истиот ден е ратификацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија, кој ВМРО-ДПМНЕ, генерално, го поддржува, а потоа следуваат дузина закони за реформи на полицијата, правосудството и безбедносните служби… На 18 јануари, пак, е закажана пленарната седница на која ќе се обрати генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Од ВМРО-ДПМНЕ ни изјавија вчера дека сѐ уште не донеле одлука околу понатамошниот настап во парламентот. Сепак, како што наведуваат од партијата, во меѓувреме не е сменето ништо во врска со неформалниот услов што е поставен за враќање на опозицијата, која почна да го бојкотира Собранието поради изречените притвори за настаните на 27 април. Спикерот Талат Џафери изјави пред Нова година дека очекува пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се вратат во собраниските клупи на 9 јануари, односно денеска.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа вчера повторно за процесот што се води за настаните во парламентот на 27 април минатата година.

„Судот мора да почне да дели правда, а не политика. Судот треба да собере сили и да ја признае грешката со притворањето уметници и интелектуалци без никаква основа. Во Македонија десетици луѓе се ставени во притвор, како дел од монтиран случај, само затоа што изразиле спротивен став и гласно се спротивставиле на една политика. Притвор се користи како казна и средство за заплашување на политички неистомисленици наместо како мерка на претпазливост. Институциите што треба да го штитат правниот систем ги кршат законите и правните постапки на секој чекор. Притворените се соочени со кршење на нивните права во сите фази од процесот“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

(А.М.М.)