Отровот сее смрт, умреа десетина мачки и кучиња


Над десет мачки и кучиња се веќе жртви на дивеењето со отрови низ скопските населби,што покрена револт на социјалните мрежи и најави за радикален протест. За првпат МВР вчера во својот билтен покрај физички пресметки меѓу луѓе и кражби го вклучи и убиството на двете кучиња во Карпош 4 и фрлањето отров во куќарка во Аеродром, што е најава дека градските власти и институциите конечно почнуваат да сфаќаат дека се повикани да реагираат околу „земањето на правдата во свои раце“ на некои сограѓани, спротивна на законските регулативи во Македонија. Пред последните избори организациите за заштита на животните беа една од главните лоби групи што ја бараа кандидатите за да испорачаат ветувања, а сега од нив се бара тоа што го најавуваа и за што добија гласови да го спроведат, т.е. да ги заштитат животните и да го решат проблемот со кучиња скитници во земјата.Иако постои обид отровите да се препишат на поединци, фактот дека отров има низ сите населби во градот отвора сомнеж дека станува збор за организирана акција околу која полицијата ќе мора да се произнесе, кој стои зад неа и зошто ниту еден трујач досега не е е откриен.

Здружението за заштита на животни Анима Мунди најавува тужби онаму каде ќе има законска основа, против масовното труење кучиња и мачки со расфрлање отров на јавни површини. Од таму ги повивкуваат институциите да ја смират јавноста, да извршат истраги на терен, во земјоделските аптеки, пазарите каде се купува отров и да ги санкционираат најстрого сите кои труејќи, како што велат, предизвикуваат јавна опасност и вршат строго казниво кривично дело.

„Во држава во која во текот на една вечер со нож се нападнати вработени во хотел, силувана девојка со ментална попреченост, украдени се пиштоли и пушки од продавница со ловна опрема, ловџија застрелал свој колега, дечко од 21 година бил крвнички тепан од страна на група лица, кои го удирале со клоци, тупаници и шишиња во пределот на главата и телото, најголема општествена закана стана инцидентен напад од едно куче испуштено на улица! Примитивци, насилници во моментов имаат главен збор, хараат низ градов и трујат се живо со отрови кои имаат капацитет да убијат и човек од 100 кила, а не деца и кучиња“, велат од здружението.

Од таму ги повикуваат граѓаните да им достават податоци за потенцијални трујачи, како и информации за оние кои во јавноста повикуваат на линч на бездомните кучиња.

„Сликајте ги јавните објави на сите насилници за да не ги избришат и доставете ни ги, а ние во секој случај каде имаме законска основа ќе поднесеме тужби!“, соопштуваат од таму.