Откриени нови вакцини со декларации со истечен рок


Нови вакцини со декларации со истечен рок се најдени при инспекцискиот надзор на терен во вакциналните пунктови, еден ден пред посетата на претставници од белгискиот производител „Глаксо Смит Клајн“ од Белград. Директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, Ќахил Ибраими, не открива за колку вакцини МРП со погрешно аплицирани декларации станува збор и во кои здравствени домови и градови. Проверка се правеше и на целата документација на компанијата „Македонија лек“, која е увозник и дистрибутер на вакцината МРП до здравствените домови. Иако здравствените власти очекуваа резултатите од контролата да бидат готови порано, за „Независен весник“ велат дека ќе ги обелоденат денеска.

„Инспекторите во средата влегоа во компанијата ‘Македонија лек’, каде што и во текот на вчерашниот ден ја проверуваа документацијата. Треба точно да се утврди на колку вакцини им биле аплицирани декларации со истечен рок.

„Планираме денеска да ги имаме резултатите од контролата и да ги обелодениме. Се проверуваат и вакциналните пунктови. Ќе излеземе со точен број на вакцини што се најдени деновиве со декларации со истечен рок. Кај вакцините нема никаков проблем со рокот, сите се со важечки рок и се работи за сериозна фирма производител. Тоа што е направено со декларациите е техничка грешка. Ќе има санкции за компанијата увозник по ваквиот пропуст, тоа во моментов го разгледуваме. Во правилникот за дистрибутивна пракса разгледуваме да внесеме новини, да го прошириме за во иднина да се внимава како се дистрибуира лекот од увозникот и како се прима во здравствените домови. Да се следи дистрибутивниот синџир и точно да се дефинираат казните како за последната направена техничка грешка“, објаснува Ибраими за „Независен весник“.

 

            Претставниците на белгиската компанија производител на вакцината МРП денеска на состанок со министерот за здравство Венко Филипче

 

Додека надлежните и јавноста ги чекаат наодите што се направени од контролата,  не се знае точно какви санкции ќе следуваат за компанијата увозник од каде што посочија дека кај мал дел од пакувањата со вакцини се аплицирани стари декларации, со датумот од претходниот увоз. Министерот за здравство Венко Филипче смета дека е направен голем пропуст со аплицирање декларации со истечен рок и дека секој мора да ја понесе одговорноста согласно законите.

„Денеска попладне ќе имам состанок со одговорните претставници на белгиската компанија производител на вакцината МРП „Глаксо Смит Клајн“ од Белград. Тие доаѓаат во земјава откако го известивме производителот на вакцините за настаната ситуација, односно направената техника грешка -аплицирањето декларации со истечен рок на вакцините кои беа откриени при вонредниот инспекциски надзор во здравствените домови што го изврши комисијата формирана по мое барање. Наодите покажаа дека сите МРП вакцини со кои се имунизираат децата се со важечки рок и целосно безбедни. Имаат важност до мај 2019 година и јули 2019 година, а  сега ги чекаме резултатите од контролата во компанијата ‘Македонија лек’ и од вакциналните пунктови“, рече Филипче.

Епидемијата на морбили во Скопје сè уште трае и секојдневно има нови случаи на заболени со мали сипаници. Ова беше мотив министерот Филипче да има средба со министерот за образование и наука Арбер Адеми на која разговарале за важноста на имунизацијата, односно децата да ги имаат примено сите вакцини според календарот за имунизација при уписот во основно училиште.

„Во втората верзија на предлог-законот за основно образование, кој е во финална верзија, ќе се стави поголем акцент на значењето на вакцинирањето на децата при уписот во основно образование. И во постоечкиот закон е дефинирано при упис во прво одделение да се бара  потврда за примени вакцини, меѓутоа сега планираме да се води поголема контрола и децата да ги имаат примено сите вакцини за нивната возраст. Верувам дека ќе влијаеме на свеста кај родителите за важноста од вакцинацијата. Задолжителното основно образование е загарантирано со Устав“, рече Адеми.

Претходно кај 61 вакцина беше утврдено дека е направена техничка грешка од страна на компанијата увозник „Македонија лек“. Кутиите се најдени во здравствениот дом „ Железничар“ во Скопје и во домови во Демир Хисар, Велес и во Свети Николе.

Инаку, вчера на Инфективната клиника во Скопје беа хоспитализирани уште седум деца на двегодишна возраст со симптоми на морбили. Кај пет деца резултатите од лабораториската анализа покажале дека се заболени со мали сипаници, за останатите две се чека потврда. Сите деца се од населбата Ново Лисиче од Скопје и ја посетувале детската градинка „Сонце“. Ниту едно не било вакцинирано со МРП вакцината.

Од 16 декември до вчера, вкупно 22 лица биле хоспитализирани на Инфективната клиника во Скопје. Од нив, 13 лица сè уште се таму, а девет се веќе пуштени на домашно лекување. Најмладиот пациент е бебе од осум месеци, а најстариот има 33 години и е од Скопје. Најмногу заболени има во населбата Ново Лисиче, Општина Аеродром – вкупно девет деца. Бројот на нововакцинирани секојдневно расте, така што досега во сите вакцинални пунктови во Скопје се вакцинирани 1.692 лица.

Вероника Мароска-Леова