Откажана Комисијата за законот за јазици


Комисијата за европски прашања на која утре требаше да почне амандманската расправа за Законот за употреба на јазиците е откажана.

Претседателот на Комисијата за европски прашања (КЕП) на Собранието на Република Македонија, пратеникот Артан Груби ја одложи шестата седница на КЕП, на која на дневен ред беше второто читање на Законот за употреба на јазиците – пишува во соопштението од КЕП.

Откажувањето на комисијата доаѓа откако вчера еврокомесарот Јоханес Хан ја предупреди Владата дека законот за јазици не е европски приоритет, иако Груби за Телевизија 24 вели дека причината не е тоа.

– Неделава е значајна за други реформски прашања и дадов предност на тоа за да не овозможам дефокусирање на јавноста од тоа што во моментов е најзначајно и итно – вели Груби за Телевизија 24.

Во меѓувреме, членови на здружението македонски национален совет поставија шатори пред Собранието и порачаа дека нема да си одат од таму додека не се повлече Законот за употреба на јазиците.

Вкупно 90 амандмани се поднесени за Предлог-законот за употреба на јазиците до Комисијата за европски прашања во Собранието до завршувањето на рокот.

Очекувано, најмногу амандмани – 84 поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ, додека СДСМ предлага четири интервенции на текстот на законот, а Беса две.