Отешево „оживеа“ во пресрет на церемонијата за името


Мошне раздвижено е овие два дена во Отешево, на македонскиот дел од Преспа, каде што утре околу пладне  ќе продолжи церемонијата околу потпишувањето на договорот за името.

Премиерите на Македонија и на Грција, според информациите,  утре ќе пристигнат со чамец  во Отешево од грчкиот дел на Преспа, каде што претходно ќе биде потпишан договорот со кој се поставуваат темелите за надминување на долгогодишниот спор во името и за унапредување на билатералните односи.  Во Отешево, покрај свечениот ручек, е предвидена и куса билатерална средба на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, за што денеска се правеа последни подготовки и се преземаа мерки за обезбедување на високите претставници на двете држави, како и на претставниците на ЕК и на ОН.

Иако во овој дел од годината – пред шпицот на туристичката сезона, Преспа е полупразна,  овие денови во  „заборавеното“ село Отешево и околните места е мошне живо.  Тука може да се забележат повеќе новинарски екипи, луѓе од протоколот  и обезбедувањето, иако во Отешево има само неколку сместувачки капацитети, вклучително со Заводот за лекување респираторни заболувања.  Во текот на утрешниот ден се очекува во селото покрај Преспанското езеро да пристигнат и повеќе странски новинарски екипи за да известуваат за чинот на финализирање на четвртвековниот спор, за чие надминување се водеа преговори под покровителство на Обединетите нации.

Потписи на договорот за името ќе стават министрите за надворешни работи двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас, заедно со медијаторот во преговорите Метју Нимиц.

Делегацијата на Владата на Македонија, на свечената цермонија на потпишувањето на конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, ќе ја преводи премиерот Зоран Заев. Во  негова придружба ќе бидат и вицепремиерите Радмила Шекеринска, Бујар Османи и Оливер Спасовски. Македонските владини претставници во Псарадес, на грчкиот дел од Преспа,  ќе бидат пречекани од Ципрас и  од Коѕијас.

Предвидено е на свечената церемонија во Грција обраќања да имаат премиерите Заев и Ципрас.  На церемонијата во Псарадес и во Отешево ќе присуствуваат потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации Розмари Ди Карло, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини и  еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Се очекува во понеделник претпладне договорот да биде усвоен на вонредна владина седница во Скопје и веднаш да биде испратен во парламентот, за да почне постапката за негова ратификација, пред самитот на Европскиот совет, на крајот на овој месец.