Отворен Семинарот за македонски јазик


Петдецениско постоење на  Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, претставува важна институција која ги афирмира македонистиката, македонскиот јазик, литература и култура, додека странските учесници се препознаваат како амбасадори на македонистиката низ светот, рече ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, на вчерашното отворање на семинарот во Охрид. На семинарот учествуваат 74 странски студенти кои го слушаат предметот Македонски јазик во рамки на студиските програми на своите универзитети, студенти кои истражуваат теми во врска со македонскиот јазик, литература и култура и научни работници и универзитетски професори кои истражувале или истражуваат проекти од областа на македонистиката од 25 држави.

„Токму оттука произлегува голем дел од словенското ракописно наследство врз кое се темели развитокот на словенското слово и создавањето одделни писмени традиции. Затоа токму овде дел од вас првпат ќе се сретнат со македонското слово, а дел од вас ќе ги прошират и надградат своите познавања од областа на македонскиот јазик, литература и култура. Согледувајќи ги резултатите од минатото, веќе со почетокот на овогодишната летна школа отвораме нова страница во нашата традиција“, рече проф. д-р Јанкуловски.

Во рамки на програмата, годинава учесниците ќе ги развиваат вештините од областа на македонскиот јазик, ќе ги совладуваат преку лекторските часови на искусни професори и истакнати научни работници од Катедрите за македонски јазик и јужнословенски јазици, за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, како и Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

„Сигурни сме дека со нивната стручност и искуство ќе ви бидат одлични водичи низ тајните на македонскиот збор. За проширувањата на вашите знаења од областа на македонистиката во рамки на предвидените предавања и курсеви по избор е ангажиран наставен кадар од нашите високообразовни наставни и научни институции, МАНУ, Филолошкиот факултет, институтите за македонски јазик, за македонска литература, за национална историја, Институтот за фолклор, Природно-математичкиот факултет, Православниот богословски факултет“, додаде ректорот.

Во рамки на Семинарот се одржа и 45. Меѓународна научна конференција на која македонските и странските експерти пред учесниците на летната школа ги презентираа своите најнови истражувања од областа на македонистиката. Темата на лингвистичката секција на годинашната Летна школа беше „Статусот на македонскиот јазик во и надвор од границите на Република Македонија“, додека на литературната секција – „Поетски книжевен тестамент (Кочо Рацин, Блаже Конески и Петре М. Андреевски)“.

Досега на Семинарот учествувале повеќе од 4.300 учесници од над 50 земји, меѓу кои истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, научни работници и студенти што го изучуваат македонскиот јазик низ лекторатите во светот.

Семинарот својата стручно-научна дејност на подрачјето на македонистиката ја започнал скромно, а до денес непрекинато се развива и израсна во афирмирана наставна, научна и културна институција единствена од ваков  вид во Македонија и стана ценет славистички центар.

(В.М.Л.)