Осум жалби за продолжувањето на притворите за 27 април


Комплетирани се осум жалби на одлуката на Kривичниот совет во Основниот суд „Скопје 1“ да им го продолжи притворот на осомничените за 27 април.

Во текот на денешниов ден, жалбите треба да бидат доставени до Aпелацискиот суд на понатамошно постапување. Дел од адвокатите, според информациите, немаат уредна достава на решенијата за продолжување на притворот и затоа сѐ уште немаат доставено жалби.

Кривичниот суд, минатата недела, им го продолжи притворот на сите осомничени за случувањата во Собранието на 27 април минатата година. Продолжување на притворот добија 23 лица, меѓу кои и пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, како и организаторите на протестите „За заедничка Македонија“ – Игор Дурловски, Борис Дамовски, Владо Јовановски, Богдан Илиевски. На уште шестмина, пак, им е продолжена мерката домашен притвор.