Осумдесетката во парламентот може само да се зголеми


Предлог-законот за селективна амнестија, кој вчера беше донесен во Собранието, по сè изгледа ја зацементира двотретинската поддршка за уставните измени потребни за ратификација на договорот за името со Грција. Независната пратеничка група, која произлезе по исклучувањето од матичната ВМРО-ДПМНЕ, директно учествуваше во подготовката на текстот со кој е исполнето барањето за помирување, а со кое тројца нивни членови добиваат можност самите да побараат и да добијат амнестија.

Нашиот конечен став ќе биде познат по завршувањето на амандманската постапка“, велат официјално од независната пратеничка група.

Сепак, неофицијално, признаваат оти реално тешко може да се очекува пресврт во последната фаза од гласањето за уставните измени, која парламентарниот спикер Талат Џафери ја најави за 15 јануари.

Нашите амандмани се прифаќаат“, коментираат независните.

Се чини дека чекор по чекор се отстрануваат и пречките во комуникацијата што произлегоа по апсењето на Сашо Мијалков, кого ВМРО-ДПМНЕ го избрка од партијата поради негова наводна улога во премислувањето на пратениците да гласаат „за“ уставните измени. На ексдиректорот на УБК му се лепеа етикети за блискост, па дури и роднинска, со некои од пребегнатите пратеници, па нејасно беше во кој контекст може да отиде неговиот трансфер од „Мериот“ во Шутка. Исто така, и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, кој доживеа иста судбина како Мијалков, повторно се најде во нотесот на службите, кои му поднесоа уште една кривична пријава за малверзации.

Мислам дека станува јасно оти не сме поврзани ниту со Мијалков ниту со Тодоров“, потенцираат од независната пратеничка група.

Иако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред некој ден почувствува немир и страв дека поради невнимание на институциите може да дојде до застој во уставните измени, апелирајќи до државните служби да бидат внимателни, од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија очекуваат бројот на поддржувачи на договорот во Собранието да се зголеми.

Тие осум пратеници гласаа да се продолжи процесот околу уставните измени, а потоа настапија и со свои амандмана, така што не можеме да речеме дека тие без задршка и во секој час би дигнале рака ‘за’. Но веруваме дека и тие, а и другите пратеници од опозицијата ја сфаќаат важноста на процесот и своите интереси ќе ги стават зад оние на државата. Се надеваме дека бројката од 80 пратеници ќе биде зголемена“, вели пратеникот Костадин Костадинов, кој неодамна ја презеде портпаролската функција во СДСМ.

Ферид Мухиќ, кој е единствениот пратеник од власта кој во последен момент се премисли и гласаше „за“, иако претходно беше „против“, вчера само се насмеа на нашето прашање дали ќе го поддржи Преспанскиот договор.

Да се потсетиме дека тоа прашање не се поставува“, ни одговори Мухиќ.

Во ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш бараат власта недвосмислено да ја почитува волјата на народот искажана на референдумот и да ги прифати резултатите што покажаа недоволна поддршка на договорот. Апропо тоа, да се откажат од натамошните фази во парламентот за промена на уставното име на земјава. Бидејќи знаат дека тоа нема да се случи, признаваат дека тоа горе-долу е завршена работа.

Поранешните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ не преминаа на другата страна затоа што во последен момент ги препознаа вредностите на процесот, туку затоа што имаа ветувања и очекувања. Што се однесува до нашите пратеници, веруваме дека ниту еден од нив нема да го изневери она што е партиски став, кој го прифатија, а тоа е дека и натаму сме против договорот“, потенцираат во белиот дворец.

Неофицијално, постојат „две-три имиња“ што би можеле да сменат правец, но сè ќе биде познато кога ќе дојде до конечното гласање. Првиот пат, кога дојде до „предавство“, ВМРО-ДПМНЕ исклучи и смени десетина пратеници и функционери. Последниов период забележителна е поблагата реторика која водството на партијата ја употребува кога е во прашање името.

Горан Адамовски