Осудените за Диво Насеље бараат ист третман како обвинетите за 27 април


Настаните од 27 април се подведени под кривичното дело „тероризам“, исто како и настаните за Диво Насеље. Имајќи ги предвид начелата кои важат во Законот за кривична постапка, мое мислење е дека за двата настана треба да се постапува еднакво во правниот систем на Република Македонија, рече Љупчо Веселиновски, адвокат на Фадил Фејзулахи, осуден за настаните во Диво Насеље.

Како што вели Веселиновски, кај семејствата на осудените од Диво Насеље постои револт поради селективното постапување на судот каде што настаните од 27 април се ставени во прв план, а предметот Диво Насеље е запоставено во смисла на тоа дека 14 месеци предметот стои во Основниот суд Скопје 1 иако жалбите по првостепената пресуда биле навремено поднесени до Апелација.

„Сите рокови се поминати, предметот Диво Насеље 14 месеци стои во место. Кога пред 10 дена затворениците почнаа да штрајкуваат поради Законот за амнестија, осудениците од Диво Насеље исто така почнаа да штрајкуваат, но не поради некаква амнестија туку за тоа да продолжи да се одлучува за предметот по жалбите. Тоа сè уште тапка во место, очекуваме овие денови Апелацискиот суд  да преземе дејствија и да закаже седница каде ќе ја докажеме правдата“, рече Веселиновски.

Адвокатот на Фејзулахи смета дека недозволиво е 14 месеци по првостепена пресуда осудените да бидат во притвор без никаква постапка на Апелацискиотсуд. Веселиновски заедно со останатите адвокати очекуваат деновиве второстепениот суд да покрене постапка и да закаже седница на која ќе ги уважи жалбите и ќе го врати предметот на повторно судење.

„Во предметот Диво Насеље има пропусти направени од формална и фактичка природа, сепак очекувам за овој предмет Апелацискиот суд да ги уважи нашите жалби, да ја укине пресудата и да го врати предметот на повторно судење“, рече Веселиновски.

Тој додаде дека иако по парламентарните избори од страна на власта било најавено дека ќе се спроведе меѓународна истрага за Диво Насеље, тоа сè уште не е сторено.

Основниот суд Скопје 1 изрече седум доживотни затворски казни за обвинетите од Диво Насеље. На 13 обвинети им изрече затворска казна во траење од 40 години, шестмина се осудени на затвор од 20 години, еден обвинет доби 18 години затвор, двајца затвор од 14 години, двајца 13 години, а четворица поради немање докази се ослободени од обвиненијата. На шеснаесет обвинети судот им изрече и казна протерување странец засекогаш од територијата на Република Македонија.