Остри реакции за новата Градска болница: Асоцијацијата на архитекти нема да бара конкурсот да се повлече


Асоцијацијата на архитекти (ААМ) нема да бара Министерството за здравство да го повлече конкурсот за избор на идеен проект за нова градска болница, како што бараат дел од архитектите според кои по конкурсот, така како што е направен, не може да се сработи квалитетен проект по кој би се градела болница што ќе функционира.

Од Асоцијацијата остануваат на барањaта што во петокот го испратија до министерот за здравство Венко Филипче. Тие се, да се продолжи рокот од сегашните 35 дена на два месеци и да се зголемат наградите за трите најдобри идејни решенија за кои сега се предвидени 5.000, 2.000 и 1.000 евра во денарска противвредност. До вчера, одговор од Министерството немаше.

– Сметам дека дел од реакциите се оправдани од аспект на тоа како нештата треба да изгледаат. Но, според законот за јавни набавки, ова е најдобрата варијанта што може да се случи. Да бараме повеќе од тоа, во овој момент е нереално. Едната опција е да се распише тендер каде најниската цена е единствен критериум. Тука не се пријавуваат архитекти, туку градежници и фирми кои ја спуштаат цената. Избрана е втората и донекаде добра опција, прво да се оди на конкурс, а потоа да се направи договор со првонаградениот. Сосема друго е да се бара да се смени Законот за јавни набавки, нешто што и ние го баравме. Конкурсот е да се види дали проектот знае да направи болница, и кажувам дека во Македонија има такви проектанти – изјави Пановски.

Претходно, архитектот Владимир Пота јавно побара да се повлече целосно конкурсот. Образложението е дека со ваква програма ни една година не е доволно долг рок да се направи квалитетен, функционален и технички издржан проект, кој ќе ја оправда инвестицијата и ќе одговори на својата намена. Архитектката Невена Георгиевска, магистер за програмирање, проектирање и управување со здравствени објекти, напиша дека проектната задача нема основни податоци по кои дури и најискусен архитект,со дебело искуство во проектирање на болници, би можел да дојде до какво-такво идејно решение.

„Дури и за концептуално решение ваквата проектна задача е недоволна. По правило, за идеен проект би требало да се наведат сите потребни простори/простории/места и сл. со дефинирани површини и истите треба да се резултат на програмирање на објектот преку статистички податоци и анализи за бараните простори во еден вака сложен објект како што е болница. Вака поставената проектна задача е сувопарно копирање на просторите наведени во Правилникот за потребниот простор, опрема и стручен кадар за основање, почнување со работа и вршење на здравствена дејност, поставен на интернет страната на Министерството за здравство, поткрепен со податоци добиени од лекарите, за кој одговорно, како познавач на програмирањето и проектирањето на здравствени објекти, тврдам дека треба итно да се ревидира заради застарените просторни барања и редовно да се ажурира на секои минимум четири години“, напиша Георгиевска за стручното списание „Порта 3“.

Во жири-комисијата што ќе ги оценува пристигнатите проекти се Веселинка Герасимовска Петровска, од Комората на овластени архитекти и инженери, д-р Иван Спировски, директор на болницата „Св. Наум Охридски“, но и Љупчо Балковски, од неодамна нов директор на Проектната единица за имплементација при Министерството за здравство.

Според важечките правила, конкурсот трае до 18 јули. Новата градска болница ќе се прави на местото на сегашниот Мајчин дом во скопската Општина Аеродром. Таму ќе се пресели сегашната хируршка болница „Св. Наум Охридски“ лоцирана во центарот на Скопје. Предвидено е во новиот објект да има 20 амбуланти, болнички дел со капацитет за 240 пациенти, осум хируршки сали, комплетна лабораторија, радиолошки оддел со апарати за мамографија, компјутерска томографија, магнетна резонанца и рендген-дијагностика. Архитекти посочуваат дека и новата болница ќе биде во сообраќаен хаос, бидејќи таму ќе се паркираат повеќе од 250 возила кои ќе возат по улицата „Васко Карангелески“ и булеварот „Јане Сандански“, истите сообраќајници кои и сега водат кон Аеродром.

Сунчица Стојановска Зоксимовска