Каменос: Остануваме во владата додека договорот од Преспа не дојде во грчкиот парламент


Позицијата дека кога Договорот од Преспа ќе дојде во грчкиот Парламент, Независни Грци ќе ја напуштат Владата, уште еднаш ја повтори коалицискиот партнер и министер за одбрана на Грција Панос Каменос, говорејќи во Солун пред членовите на Национален совет на неговата партија, во отчетот за четиригодишното учество во Владата.

-Нашата соработка со Владата, нашиот престој во Владата ќе биде се додека не дојде „нож до коска“, односно додека да дојде Договорот во грчкиот Парламент. Каде што чесно и јасно, како што имаме изјавено, ние ќе си заминеме. Не постои појасна позиција, рече Каменос и уште еднаш го изрази неговото несогласување и несогласувањето на Независни Грци со Договорот од Преспа, поради позицијата, уште од основањето на партијата, дека не прифаќаат сложено име со вклучен термин Македонија.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, лидерот на Независни Грци, сепак објасни дека Владата нема да падне, истакна дека се уште важи она за кое што се согласиле со грчкиот премиер, за Договорот од Преспа одново да разговараат во март следната година.

Панос Каменос, рече дека 2019 е година на избори кои ќе се одржат или во октомври или во мај.