Оставката на Груевски пред сопартијците во недела


Оставката на Никола Груевски на маса ќе биде ставена в недела. ВМРО-ДПМНЕ го закажа состанокот на Централниот комитет за 10-ти декември.

Според партискиот статут потребни се најмалку 100 гласа од членовите на Централниот комитет за да биде прифатена оставката. По ова, највисокото партиско тело треба да го потврди и предлогот на Извршниот комитет за одржување на вонреден Конгрес на 23-ти декември во Валандово. Се очекува по Централниот комитет да стане појасно и кој се ќе влезе во трката за наследник на Груевски.

Никој од потенцијалните кандидати чии имиња се споменуваат во јавноста не потврдува кандидатура. Сепак, дел од нив веќе се на терен и бараат поддршка меѓу 560-те делегати кои имаат право на глас на Конгресот.
Во пресрет на Конгресот се обединија и фракции во ВМРО ДПМНЕ. ФРОДЕМ и „реформаторите“ најавија заедничко тело кое ќе има за цел да ги истурка нивните барања, како што велат за демократизација на партијата и да не дозволат Конгресот да биде приватна забава.

На 17-ти декември ќе одржат заеднички состанок на кој ќе одлучат како ќе настапат на Конгресот – дали ќе имаат свој кандидат или некому ќе дадат поддршка. Не откриваат колкава поддршка имаат меѓу делегатите кои треба да одлучат за новото партиско лидерство.