Осомничените тврдат: Случајно го сретнавме Саздо на улица


Двајцата осомничени и притворени напаѓачи на Никола Саздовски (21), кој почина во понеделникот наутро, вчера околу пладне беа изведени на распит во Основното јавно обвинителство. Тие вчераутро за првпат се запознаа со своите адвокати: Насер Рауфи и Асмир Алиспахиќ. Во притвор се од минатата недела, откако полицијата ги идентификуваше и ги поврза со бруталното претепување на младиот навивач на „Вардар“. По третиот нивен другар, кој е во бегство, сè уште се трага. Против него е распишана централна потерница што значи дека полицијата нема сознанија дали тој веќе ја преминал границата, па нема побарано помош од Интерпол. Засега, за него се знаат само иницијалите: Ј.Љ. (19), додека неговото полно име и презиме, фотографијата, како и основните генералии што редовно се објавуваат кога се бара помош од граѓаните дали го виделе, сè уште не се достапни.

Според информациите до кои дојде „Независен весник“, скопјаните Скендер Д. (19) и Бесир Б. (20), веднаш по апсењето, биле донесени кај судија на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд и им биле одредени адвокати по службена должност. Нивната одбрана се темелела на тоа дека кобниот ден, се возеле со автомобилот „мерцедес“ и случајно на автобуска станица во населбата Автокоманда го здогледале младото момче, со кое неколку недели биле во „интернет војна“ преку „Фејсбук“. Запреле, излегле од возилото, го прашале момчето: „Ти си Саздо?“ Добиле потврден одговор, по што дошло до инцидентот.

Распитот во Обвинителството вчера траеше со часови. Осомничените се бранеле со молчење, сакале прво да ги видат доказите, па да се произнесат. Од нивните адвокати не успеавме да дознаеме што и како се случувало. Претходно, нивните бранители само кусо ни изјавија оти не се виделе со своите клиенти, ниту, пак, го виделе предметот, па не можат ништо да коментираат.

Во Обвинителството сè уште не одлучиле дали ќе го преименуваат кривичното дело со кое полицијата ги испрати осомничените кај нив: насилство. Истрагата е во тек, во вторникот била испрашана девојката на Саздо, која била сведок при претепувањето. Таа била заедно со момчето кога биле пресретнати од тројцата насилници. Била во шок од тоа што го видела, едвај успеала да дојде на себе, сведочат блиските на убиеното момче.

Во текот на вчерашниот ден продолжија да стигнуваат пораките за сочувство до семејството на момчето, како и за трезвеност и смиреност. Се огласија и од Демократската унија за интеграција, потенцирајќи оти загубата на млад и невин живот, особено на насилен начин, претставува чин што секогаш и од секого заслужува целосна осуда.

„Насилството претставува чин за кој нема и не треба да има никакво оправдување и во тој контекст изразуваме целосна поддршка на органите за безбедност и спроведување на законот, за целосно расчистување на случајот, и без никаква задршка – изведување на виновниците пред лицето на правдата. Според информациите кои се достапни на целата јавност, учесниците во овој немил настан се навремено идентификувани и определени се натамошни мерки во постапката, со што, правно, очекуваме брзо, правично и ефикасно спроведување на правдата. Со оглед на насилната природа на овој настан, и пораката на омраза која е испратена со овој чин, но и со целосно разбирање на револтот на роднините и пријателите на младиот Никола Саздовски, како и јавниот израз на загриженост на граѓаните, сакаме да упатиме апел кој ќе води кон смирување на овој револт, апел за воздржување од провокации, особено апел за воздржување од пораките на омраза и нетрпеливост, кои претставуваат основа за ваквите насилни и немили настани“, велат од партијата на Али Ахмети.

Во вторникот вечерта, стотици граѓани излегоа пред Собранието и запалија свеќа на тревникот. Се бараше правда и брзо процесуирање на случајот. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дојде облечен во дрес на „Вардар“, кој потоа го остави под фотографија на Саздовски.

Полицијата соопшти дека крвавиот инцидент се случи на 29 јуни околу 17:30 часот кога Б.Б. (20), С.Д. (21) и Ј.Љ. (19), сите од Скопје, на автобуска станица на булеварот „Александар Македонски“, физички го нападнале Саздовски, по што тој бил пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

„По преземените мерки, од страна на полициски службеници, прво и второпријавениот се лишени од слобода и им е одредена мерка притвор. Целокупниот доказен материјал е предаден на надлежното Јавно обвинителство“, соопштија од полицијата.

По десет дена во кома на КАРИЛ, срцето на Саздовски престана да чука. Неговите другари велат дека по преписките на социјалните мрежи, еден месец бил следен од тепачите, кои го начекале додека бил со девојката. Излегле од „мерцедес“, го претепале со шипки и побегнале.

Горан Адамовски