Османи: Со предвремени избори свесно ќе го компромитираме европскиот процес


Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вели дека тој како адвокат на европската агенда на земјава е против предвремени парламентарни избори затоа што така ќе се пропушти почетокот на преговори со Европската Унија и ќе значи свесно компромитирање на европскиот процес.

– Во ДУИ врие од желба да има избори утре, затоа што внатрешните анкети покажуваат дека сега е моментот. Но дали е интерес за државата сега да има избори, тука јас не се согласувам. Да одиме на избори во услови кога чекаме да почнеме преговори и да воспоставиме една динамика на ратификацијата на Протоколот за НАТО, мислам дека свесно ќе си го компромитираме процесот и немаме некое оправдување пред светот зошто тоа го правиме. Јас сум адвокат на европската агенда на државата и ги замолувам политичките партии да го пазат овој интерес, иако гледам дека во владејачките ДУИ и СДСМ има сили кои заради партискиот интерес дека ќе имаат добри резултати, внатре во партиите приистискаат да има избори утре. Јас до последен ден ќе лобирам и ќе повикувам да нема избори најмалку до првата меѓународна конференција со Европската Унија за започнување преговори, рече Османи вечерва во гостувањето во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.

Смета дека предвремени избори би значелe дополнително дефокусирање на државата и од агендата за реформи затоа што фокусот ќе биде на формирање влада, нов премиер, нови министри,  резултати… и, како што рече, ќе отиде рокот за започнување преговори.

Доколку  ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотира претседателските избори затоа што ќе нема и предвремени парламентарни, тоа, според Османи, ја менува сликата и самата институционална криза поради неуспешни претседателски избори може, како што рече, да биде потешка и подолга отколку вонредни парламентарни избори. Смета дека опозицијата нема да си дозволи да ги бојкотира претседателските избори.

Во врска со Законот за употреба на јазиците, Османи рече дека е стапен во сила и институциите го применуваат согласно со условите кои ги имаат.

– Има одредени преодни одредби во смисла на подготвување на институциите со техничка и човечка инфраструктура за да можат да го применат и треба да се хармонизираат закони согласно со овој базичен закон. Меѓутоа, има еден член во законот кој вели додека не се усогласат, важат премисите од овој закон, така што апсолутно е во сила од 14 јануари, додаде Османи.

Очекува логистичка и финансиска поддршка од земји и организации кои ја имаат двојазичноста или мултијазичноста  како концепт и затоа ќе има донаторска конференција. На тој начин, додаде, тие ќе помогнат за внатрешно интегрирање на заедниците. – Бидејќи ние Законот за јазици го гледаме како механизам за зближување и разбирање на Албанците со државата, а  тогаш имате и лојалност и интегрираност, рече вицепремиерот Османи во гостувањето на „Топ тема“.