Османи политички, Маричиќ технички преговарач со ЕУ


Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи ќе биде шеф на политичкиот преговарачки тим во скрининг процесот на Европската комисија. Задолжен за техничкиот дел од процесот ќе биде советникот на премиерот Бојан Маричиќ, јави Телма.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски ни изјави дека одлуката околу преговарачите со ЕК ќе биде донесена на утрешната владина седница.

Скрининг процесот на ЕК почнува утре со посетата на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Еврокомесарот пред неколку дена изјави дека скринингот почнува со поглавјата 23 и 24, односно владеењето на правото, судството, корупцијата, слободата и безбедноста.

По завршувањето на скринингот, Комисијата треба да подготви извештај со кој ќе даде оценка дали Македонија е подготвена за влез во ЕУ.
Европската комисија треба да подготви распоред за поглавјата што ќе се отвораат, а институции треба да ги обезбедат бараните податоци. Според неодамнешната изјава на еврокомесарот, скринингот е подолг процес, треба да се подготват сите 35 поглавја кои ги покриваат пристапните преговори и клучно е тоа да се направи за една година.