Османи побара поддршка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за Планот 18


Имам целосно разбирање за потребата на опозицијата да гради алтернативни политики од оние на власта, но, апелирам, за суштинските реформи, за евроатланската перспектива но и за стратешките интереси на земјава, да изградиме политички и севкупно, општествен консензус, кој ќе претставува катализатор на напредокот на земјата.

Ова го порачал вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, кој денеска заедно со претставници на Секретаријатот за европски прашања, го презентирал Планот 18 пред претставниците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Како што соопшти СЕП, на средбата биле претставени клучните области на новиот реформски План 18, како и досегашните предлог мерки на планот, како основа на која во претстојниот период Секретаријатот за Европски прашања ги собира, систематизира и обработува сите предлози кои доаѓаат од Делегацијата на ЕУ, Администрацијата на ЕУ во Брисел, домашниот граѓански сектор, експертската јавност, и секако, од опозицијата.

– Вашите предлози, коментари и евентуални забелешки, имаа посебен третман во дефинирањето на целовитоста на Планот 18, имајќи ја предвид интенцијата на Владата и владејачкото мнозинство, за изградба на политички консензус, и тоа не само за законите кои упатуваат на тоа поради потребата од двотретинско мнозинство, туку како клучна политичка придобивка која упатува на сериозноста на државата, изјавил Османи.

Тој се заблагодарил за конструктивноста на ВМРО-ДПМНЕ во спроведувањето на Планот 3-6-9 и воедно посочил дека имплементацијата на реформите од Планот 18, покрај нивното огромно значење за напредок во евроинтеграциите, имаат и суштинско значење во изградбата на поквалитетен живот за сите граѓани на земјата, подобри услови за бизнис, поголем економски напредок, повеќе работни места, повеќе правда за секој од нас, и севкупно, создавање на подобро општество за сите нас, стои во соопштението од СЕП.