Османи за името: Ова се последни метри на 25-годишниот маратон


Наредните часови ќе бидат клучни за резултатот преговорите меѓу Македонија и Грција за решавање на спорот околу името, но прерано е се уште да се каже каков ќе биде исходот, изјави денеска вицепремиерот а еворпски прашања Бујар Османи.

– Сметам дека ова се последните метри на еден 25 годишен маратон. Обично последните метри се најкритични и можат да го утврдат исходот во позитивна или негативна насока, рече Османи.

Вицепремиерот смета дека и кај двете страни постои волја за затворање на спорот, има активен ангажман на сите нивоа во двете влади.

Според негова проценка, разликите се повеќе во интерпретацијата на напишаното отколку во генералните принципи што ги искажуваат страните во разговорите.

Османи истакна дека сите меѓународни пријатели нѐ охрабруваат, помагаат и се обидуваат да го олеснат спорот.

– Сметаме дека е идеална прилика за затворање на прашањето, бидејќи со тоа ќе ни се отвори процесот за влез во НАТО, процесот за преговори со ЕУ, рече Османи и побара разбирање и внимателност во овој период.

Нагласи дека ова се последните критичните чекори, кога е многу лесно работите да се изместат заради оптовареноста на целиот процес и емоциите кои преовладуваат.

– Да бидеме внимателни и да чекаме каков ќе биде исходот во наредните часови и денови, нагласи вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.