Општина Центар ќе си ги врати парите што ѝ ја блокираа сметката


Општина Центар ќе си земе назад 96 милиони денари од фирмата „Пелагонија“ од Гостивар заради кои лани летото ѝ беше блокирана сметката. Врховниот суд одлучил постапката меѓу Центар и „Пелагонија“, која беше отворена поради стопирањето на изградбата на катната гаража кај „Нова Македонија“, да биде вратена на почетокот. Со ова се отвори можност Општината да си ги врати 1,6 милион евра кои „Пелагонија“, поради раскинувањето на договорот, лани ги наплати со извршител. Поради тоа, две недели во текот на јули сметката на Центар беше блокирана, голем дел од службите не земаа плати, а во септември се одложи и првиот училиштен ден во основното училиште „Гоце Делчев“ поради тоа што Општината не си ги сервисираше обврските и доцнеше со градежните работи за реконструкцијата на училиштето.

Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, вели дека деновиве ја добиле одлуката на Врховниот суд, која беше донесена по ревизијата што ја бараа општинските власти. За првата судска одлука, која беше во полза на градежната фирма „Пелагонија“, Врховниот суд донел одлука да биде поништена и постапката вратена на почетокот.

„Градежната фирма ‘Пелагонија‘ од Гостивар треба да ни ги врати 96. милиони денари кои лани во јули беа симнати од сметката на општината. Процесот почнува одново и веруваме дека имаме доволно аргументи овој пат да заврши во наша корист, а средствата што ќе ни бидат вратени ќе ги искористиме за реализација на повеќе капитални проекти“, вели Богдановиќ.

Судскиот процес започна откако „Пелагонија“ ја тужеше Општина Центар поради тоа што го раскина договорот за изградба на катна гаража. Камен-темелник на гаражата кај „Нова Македонија“ стави градоначалникот Владимир Тодоровиќ во февруари 2013 година. Изградбата требаше да чини четири милиони евра, а објектот требаше да биде во барокен стил и на седум ката. Откако на изборите истата година за градоначалник на Центар беше избран Андреј Жерновски, тој донесе одлука да ја стопира изградбата на катната гаража, а парите да ги пренамени за изградба на основно училиште во Капиштец.

Компанијата „Пелагонија“ тужеше и доби можност раскинатиот договор да го наплати со образложение дека претрпела штета од нереализираниот договор, по што од сметката симна 96 милиони денари и ја блокираше општината. Актуелниот градоначалник Богдановиќ тогаш информираше дека ќе бара од Врховниот суд ревизија на одлуката бидејќи има забелешки на судскиот процес во кој воопшто не било утврдено чија е вината за раскинувањето на договорот.

Сања Наумовска