Општина Аеродром го расчистува снегот од улиците и пешачките патеки
Зимската служба на Општина Аеродром од утрово работи на расчистување на снегот од улиците и пешачките патеки во Горно и Долно Лисиче, населбата Лисиче, како и улиците Тодор Чангов и Ѓорѓи Капчев.
Општина Аеродром, како што соопштуваат, располага со 50 тони сол и две сопствени возила за зимско одржување на улиците, а службите се подготвени брзо и ефикасно да се справат со првиот снег.
За расчистување на тротоарите, автобуските постојки, како и приодите на градинките и училиштата ќе бидат ангажирани и сезонските работници.
Службите, стои во соопштението, ќе ја следат состојбата и ќе реагираат согласно со условите на теренот.
Општина Аеродром апелира до граѓаните да го расчистат снегот пред своите дворови и влезовите на станбените згради, што е нивна законска обврска, со што ќе се овозможи проодност и непречен пристап до објектите.