Опозицијата десеткувана, можни и нови приведувања


Парламентарната опозиција, во наредниот период, ќе функционира со шест члена помалку, доколку Собранието на денешната седница гласа слично како што вчера се изјасни Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања во врска со одземањето на имунитетот за насилствата на 27 април.
Сите петмина присутни пратеници од редовите на мнозинството, на седницата на надлежната Комисија, се изјаснија за одземање на имунитетот на нивните колеги од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ: Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудовски, Љупчо Димовски и Сашо Василевски. Конечната одлука треба сега да ја донесе собранискиот пленум.
Ако мнозинството обезбеди по 61 глас за одземање на имунитетот на овие шестмина, тогаш се очекува на нив да им биде одреден 30 дневен притвор, со можност за жалби на решението, како и со можност за негово продолжување. Тоа значи дека пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, кои се сега најбројни во законодавниот дом – со 51 пратеник, најмалку еден месец ќе бидат сведени на најмногу 45 членови, наспроти 50 пратеници на СДСМ.
Всушност, по информациите што се појавија вчера околу можната поврзаност и на други пратеници со настаните на 27 април, прашање е дали истрагата за овој случај ќе заврши со шестемината за кои судот побара одземање на имунитетот. Како што објави „Дојче веле“, во вторникот утрото полицијата била и во домот на поранешниот спикер од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски во Скопје и во гостиварско во домот на Весел Мемеди од НДП, која беше во коалиција со владејачката Алијанса на Албанците. На двајцата, како што е објавено, им биле одземени мобилните телефони. Од истрагата засега не соопштуваат детали, но се навестува дека нивните телефони содржат информации за одредени комуникации во критичниот ден, кои би можеле да помогнат во расветлувањето на одредени активности. Засега не е јасно дали сомнежот е поврзан за нивна меѓусебна комуникација или за нивна комуникација со други лица.
Наспроти претходните драматични искуства во ситуации кога им се одземал имунитет на (опозициски) пратеници (Љубе Бошкоски, Владо Бучковски), вчерашната комисиската седница помина неочекувано мирно, во отсуство на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, и траеше едвај половина час. Единствен говорник беше Александар Кирацовски од СДСМ, кој рече дека настаните од 27 април биле напад врз демократијата и уставниот поредок на земјата и обид за загрозување на животот на пратениците од тогашната опозицијата. Институциите на Македонија, според него, имаат целосен кредибилитет, должност и одговорност до крај да го расчистат овој случај за правдата конечно да излезе на виделина и кривичните дела од ваков карактер никогаш да не се повторат.
-Лично, уште кога се избираше Владата им простив на нашите колеги пратеници, на сите оние што учествуваа на овој настан, затоа што човечки е да се прости, затоа што ни самите тие не биле свесни во каква игра биле ставени и што се можеше да се случи. Но, видов дека тие никогаш нема да му простат на оној кој им дал наредба да се впуштат во нешто од кое ќе се срамат и ќе се каат целиот свој живот“, изјави Кирацовски.
Вчера попладне, додека се носеше одлуката за имунитетот, не можеа да се забележат опозициски пратеници низ ходниците во парламентот. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се огласи подоцна, оценувајќи дека одлуката на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања не е базирана на факти и аргументи, туку на желба за политички реваншизам на СДСМ.
„Лишувањето од слобода на пратеници е врвен доказ за непостоење на правен систем и непочитување на Уставот. Пораката што ја прати СДСМ е дека не сака да постои опозиција на нивното владеење, ниту во парламентот, ниту надвор од него“, стои во соопштението. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како што посочуваат од таму, не сака да дава легитимитет на противуставни одлуки. Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, според нив, го премолче и го аминуваше прекршувањето на Уставот и Деловникот за работа на Собранието.
Отсуството на реакција на ВМРО-ДПМНЕ на самата комисиска седница за одземање на имунитетите претставува своевидно изненадување, ако се има предвид дека опозициската партија вчера трет ден организираше протести и блокади на крстосници низ главниот град. Од партијата, вчера, уште претпладне, најавија блокади и протести низ Скопје се додека, како што велат, трае атакот на СДСМ врз Македонија.
Процедеурата за одземање на имунитетите на шестемина пратеници почна по прексиноќешната средба во законодавниот дом на спикерот Талат Џафери со премиерот и лидер на СДСМ ,Зоран Заев и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Претходно, се одржа една полноќна средба меѓу Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во претседателската резиденција, а на покана на шефот на државата Ѓорге Иванов, по што опозициските протестанти кои таа вечер беа собрани пред Кривичниот суд се разотидоа дома. Неколку часа по средбата со Груевски, Заев изјави дека му предочил на својот противник оти очекува вклученост на опозицијата во процесите и реформите што ѝ претстојат на земјата.
ВМРО-ДПМНЕ протестираше вчера повторно пред судската палата во Скопје, но засега нема најави за поголеми опозициски опструкции во работата на парламентот. Единствено е заглавена амандманската расправа за буџетот во Комисијата за финансирање и буџет што ја води Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ, а која треба да заврши во рок од десет дена. Комисијата за буџетот за 2018 година беше вчера повторно одложена и е презакажана за денеска.

Александра М. Митевска