Годинава тројца починале од сида


Од почетокот на годинава досега кај 41 лице е дијагностициран ХИВ вирусот, а тројца починале. Сите новорегистрирани се мажи, а дури 82 отсто од случаите се на возраст од 20 до 39 години. Најмладиот заразен со вирусот има 21 година, а највозрасниот 51 година. На Светскиот ден на борба против ХИВ/СИДА надлежните ги повикаа граѓаните да се тестираат, укажувајќи дека тестирањето е доверливо и бесплатно во Клиниката за инфективни болести, центрите за јавно здравје и граѓанските организации кои работат на проблематика поврзана со ХИВ вирусот.

Доктор Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје рече дека според начинот на пренос, 78 отсто од случаите се однесуваат на мажи кои имале секс со мажи, седум лица пријавиле хетеросексуален начин на пренос, а едно лице не знаело како.

„Во последните 17 години бројот на смртни случаи е намален, иако има тендеција на пораст на бројот на регистрирани случаи. Најголем број од случаите се кај сексуално активната популација на возраст од 20 до 39 години. Во однос на начинот на пренос, најголем број од регистрираните случаи (повеќе од половина) се мажи кои имале секс со мажи, речиси 40 отсто инфекцијата ја добиле преку хетеросексуален контакт, а само 2,5 отсто од случаите се лица кои инјектираат дроги“, рече Микиќ.

Директорката на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби и национален координатор за ХИВ, Милена Стевановиќ подвлече дека огромен удел  за успехот на третманот на ХИВ има придржувањето до лековите и нивно навремено земање.

„Постигнати се одлични резултати во однос на започнување со антиретровирусна терапија и постигнување на вирална суспресија. Дури 88 отсто од луѓето што се дијагностицирани се на антиретровирусна терапија, а дури 94 отсто од оние што се на терапија имаат супримиран вирус во крвта. Во моментот 217 пациенти се на континуиран третман на клиниката, а во наша континуирана грижа се 225 пациенти. Неколкумина од нив се новодијагностицирани пред неколку дена“, изјави Стевановиќ.

Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека  годинава Министерството обезбедило 37 милиони денари за антиретровирусна терапија и 52 милиони денари за превенција и рано откривање на ХИВ инфекцијата во рамки на програмата за заштита на населението од ХИВ.

„Очекувањата се дека огромен број инфекции може да бидат спречени и огромен број животи да бидат спасени. Сѐ уште имаме релативно висок процент луѓе кои живеат непрепознаени, а имаат ХИВ вирус“, рече Филипче.

Извршниот директор на Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – „Заедно посилни“, Андреј Сених истакна  дека она што ги загрижува граѓанските организации  е фактот дека  има голем број инфицирани  граѓани со ХИВ, кои сѐ уште не се свесни за својата ХИВ инфекција.

„Тоа значи и дека значителен број од новите случаи се откриваат во напреден стадиум на инфекцијата. Убедени сме дека со уште поголем напор на сите вклучени во програмата, Македонија сепак може до 2020 година да се приближи до целта 90 отсто од проценетиот број на лица инфицирани со ХИВ да бидат дијагностицирани. Во денешно време е неоправдано да се плашиме од ХИВ-тестот, а уште повеќе од луѓето што живеат со ХИВ“, додаде Сених.

Инаку според податоците  на Институтот за јавно здравје во Македонија од 1987 досега се регистрирани 400 случаи на ХИВ. Од регистрираните случаи 339 се од машки пол, а 54  се од женски пол.

Вероника Мароска-Леова