Заразени 338 лица, од утре можете бесплатно да се тестирате за ХИВ


Секој која сака да се тестира за ХИВ, тоа ќе може да го направи од утре до 24 ноември, од 15 часот до 21 часот, во младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно.
Тестирањето е бесплатно и анонимно.

Со тоа ќе се одбележи Европската недела на тестирање за ХИВ, која годинава трае од 17 до 24 ноември.

Во Македонија во моментов има 338 регистрирани ХИВ случаи од кои 190 се на терапија.

Организирана како заедничка акција на повеќе од 400 организации од Европа кои работат на превенција и грижа за ХИВ, Европската недела на тестирање за ХИВ има за цел да информира за придобивките од тестирањето за ХИВ и за опциите за тестирање, терапија, грижа и поддршка, со што се подига свеста кај општото население, се надминува стигмата и се поттикнуваат граѓаните да го дознаат својот ХИВ-статус.

„Сите имаме ХИВ-статус. Го знаеш ли својот?“ е пораката со која ХЕРА годинава ги охрабрува сите да се тестираат за ХИВ, а особено оние кои имале незаштитен сексуален однос потсетувајќи дека кај нас сексуалниот е најчестиот начин на пренесување на ХИВ.

Бесплатна за преземање е и мобилната апликација ХИВ ТЕСТ на Гугл плеј (Google Play), која дава информации за ХИВ и за најблиската локација каде што може бесплатно да се добие советување за ХИВ и да се направи ХИВ-тест.

Најновите податоци укажуваат дека во Европа има околу 1,2 милиони луѓе со ХИВ, од кои 25% не се свесни дека се ХИВ-позитивни, а половината доцна го дознаваат својот ХИВ-статус со што се одложува пристапот до терапија. Кај нас, пак, според проценките на Светската банка и Министерството за здравство, на крајот на 2014 година биле дијагностицирани околу 50 отсто од лицата што живеат со ХИВ, додека другите не биле свесни за својот ХИВ-статус.