Таткото свештеник, синот насилник со качулка


Андреј Мицов е дваесет и двегодишно момче од татко свештеник и мајка административна работничка, а тој работел како забен техничар. Момчето било воспитано во традиционално семејство со христијански вредности, но на 27 април минатата година учествувал во нападот што се случи во Собранието, а според Обвинителството учествувал и во обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села, кој тогаш одвај остана жив.

Според Обвинителството, лицето со качулка на главата и облечено во црна маица, кое го удирало со нозе и раце пратеникот Села, е Андреј Мицов, но одбраната тврди дека не е тој, негирајќи ги наедно тврдењата на обвинителот дека кај него дома била најдена црната маица на која имало испишано број 46 со зелена боја. Според одбраната, на видеоснимката не се гледале исто така нозете на Андреј Мицов и не се гледало дали го удира Села.
Ова беа дел од завршните зборови на одбраната и Обвинителството за Андреј Мицов, а во иста насока се движеа и завршните зборови на останатите обвинети. Мицов, пак, не кажа ништо пред судот, се повика на одбраната на адвокатите.

Адвокатите на сите обвинети побараа ослободителни пресуди, тврдеа дека немале никаква намера, односно умисла да го убијат пратеникот Села и речиси сите беа согласни дека нивните клиенти можеби биле насилни, но тврдат дека не треба да им се суди за обид за убиство.
Обвинителот Дарко Јакимовски во завршните зборови побара судот да ги прогласи за виновни сите обвинети со соодветна кривична санкција. Тој ѝ порача на судијката дека само судот може да отстрани вакви девијации во општеството, кога група насилници влегува во Собрание, а дел од полицајците не ги казнуваат, туку ги охрабруваат.

Јакимовски порача дека од казнивоста и неказнивоста ќе зависи дали ќе има друг ден од неделата кој ќе остане запаметен како „крвав“, како што беше наречен крвавиот четврток.

„Сите сме свесни во какви сложени политички услови се случи 27 април. На обвинетите може да им се суди само за она што го направиле, но не смее да им се суди за нивните политички убедувања“, порача обвинителот.

Тој уште еднаш повтори дека Села го спасило од смрт тоа што напаѓачите мислеле дека е мртов. Според Обвинителството, Александар Јаневски-Тошта го фатил за рака пратеникот Села, го извлекол и го предал на толпата, иако знаел дека оние што го дочекале биле агресивни. Додека обвинителот читаше за што сè се товари Тошта и другите обвинети, тој задремуваше во судницата, а од судот побара да донесе ослободителна пресуда.
„Не се чувствувам воопшто виновен, такво дело немам сторено. Од сите докази досега, се докажа се спротивното. Ако е кривично дело на некого да се наведнеш и да станеш, нека цени судот. Барам да бидам ослободен“, рече Тошта.

Неговиот адвокат Бојан Ваневски, пак, достави пофалници, благодарници и други признанија до судот за да ја покаже хуманоста на Тошта. Ваневски тврди дека Тошта со тоа што го извлекол го спасил Села.
Обвинителот уште еднаш се осврна на сите удирања што ги направиле таа вечер обвинетите. Никола Војминовски учествувал во тепањето на Села и му викал на Тошта: „Дај го ваму“. Мицов со качулка на главата, според обвинителот, го удирал Села со нозе и раце. Оливер Ошавковски, пак, снимал со својот мобилен телефон и го удирал со тастатура. Обвинетиот Николче Димитриевски маскиран со сив дуксер продолжил да го удира Села, а Кире Георгиевски, пак, го влечел надвор од прес-салата како трофеј. Коста Делов се товари дека го удирал Села додека лежел, но тој тврди дека немал никаква намера да го убие Села.
„Јас се каам што на 27 влегов во Собранието. Влегов да протестирам, но ни на крај памет не ми дошло да лишувам некого од живот ниту сум се обидел такво нешто да извршам. Јас не сум убиец“, рече Делов.
„Тој ден во законодавниот дом во Македонија можеше да биде убиен пратеник и сето она што го гледаме дека се случува во светот и ни изгледа далеку, ни се случи нам. Со овој настан, овени тој, Македонија го изгуби угледот пред меѓународната заедница“, рече Јакимовски.
Дали ќе бидат прогласени за виновни или ќе бидат ослободени, обвинетите ќе слушнат в четврток, кога судијката Славица Андреевска ќе ја соопшти пресудата.
За нападот на пратеникот Зијадин Села беа обвинети десет лица. Со нова снимка, која ја приложи Обвинителството како доказ, еден од обвинетите беше ослободен, а за двајца беше преквалификувано делото. Од снимката се утврди дека тие двајца не учествувале во нападот врз Села, но дека нападнале други пратеници. И двајцата признаа вина и беа осудени на затворски казни.
Сега за нападот врз Села одговараат седуммина, но освен овие лица кои седнаа на обвинителна клупа има и други непознати кои сè уште не се обвинети. Обвинителот порача дека, сепак, никој не може да се повика на дејствијата на другите за да избегне сопствена одговорност.
Затвор наместо условни казни за првите осудени
Затвор наместо условни казни за првите деветмина осудени за крвавиот четврток, кои минатата година признаа вина и беа осудени на условни казни. Вака одлучи Апелацискиот суд по жалбите што ги поднесе Обвинителството за нив.

Од Апелација потврдуваат дека условните казни се преиначени. Седум од деветмина обвинети се осудени на една година затворска казна, еден е осуден на осум месеци затвор, а највисока казна доби Димче Ристовски-Жабата кој е осуден на една година и шест месеци затвор. Меѓу осудените на една година затворска казна е и Бате Геле (Ангеле Зафировски), кој се онесвести пред судот кога ја слушна пресудата за поранешниот премиер Никола Груевски.

Овие деветмина беа првите осудени за упадот во Собранието и се товареа за учество во толпа што ќе спречи службено лице во извршување службена должност. Кога беа изречени пресудите за овие девет лица, на чело на Обвинителството беше Марко Зврлевски. Пред неколку месеци Обвинителството поведе дисциплинска постапка против тројца обвинители, Гордана Гешковска, Јован Цветановски и Златко Биковски бидејќи направиле пропуст во истрагата. За Зврлевски нема одговорност бидејќи тој веќе не работи во Обвинителството и е на апанажа.

Фросина Факова – Серафиновиќ