Од денес возовите од Македонија ќе пристигнуваат на нова железничка станица во Белград


Главната железничка станица во Белград оди во историјата. Од денес сите возови во меѓународниот и домашниот патнички железнички превоз ќе поаѓаат и ќе пристигнуваат на железничката станица Белград Центар Прокоп.

Исклучок се само два пара меѓународни воза кои сообраќаат помеѓу Белград и Бар, а кои од 16 јуни се пренасочени од железничката станица Топчидер.

Од денеска на белградската станица Центар Прокоп ќе сообраќаат 195 воза дневно, вклучувајќи: 16 меѓународни, 56 локални и регионални, 90 воза на линијата меѓу Белград и Батајница и Овча и 33 БГ-воз меѓу Белград Центар и Ресник.

Последниот воз од главната железничка станица на релација Белград – Будимпешта тргна синоќа во 21.45 часот. Тој беше испратен со песната „А сад адио“.

Зградата на железничката станица во Белград, која е изградена во 1884 година, треба да стане Историски музеј на Србија.