Одлуката за имунитетот на Димовски на пауза


Пратеникот Љупчо Димовски вчера се појави во Кривичниот суд, но судот му го презакажа распитот бидејќи неговите колеги пратеници уште не гласале и не одлучиле дали вторпат ќе му одземат имунитетот. Претседателот на Собранието Талат Џафери е на пат во Љубљана, а според информации од законодавниот дом, тој по посетата на Словенија заминува во Црна Гора. Првата наредна пленарна седница е закажана за 18 февруари, но ни на ова продолжение нема да се гласа за имунитетот на Димовски.

Иако Собранието има обврска во рок од три дена од барањето на Кривичниот суд да одлучи дали ќе му го одземе или не имунитетот на Димовски, кој го штити од кривичен прогон, одлука уште нема. Седницата почна на 4 февруари, но по обраќањето на претседателот на Комисијата за деловничко-имунитетни прашања, Павле Богоевски, кој ги демантираше тврдењата на опозицијата дека Собранието врши политички прогон, Џафери ја прекина седницата и рече дека ќе ја закаже дополнително. Комисијата за мандатно имунитетни прашања го прифати барањето на судот и препорача Собранието да му го одземе имунитетот, а за тоа треба да гласаат најмалку 61 пратеник.

Според толкувањата од законодавниот дом, и покрај рокот, сепак за активностите во Собранието се грижи неговиот претседател и тој ќе го има последниот збор кога ќе биде продолжена седницата за имунитетот на Димовски.

Поранешниот министер за земјоделство и сегашен пратеник, заедно со поранешните министри во истиот сектор, Михаил Цветков, Александар Спасеноски и Христијан Делев, се осомничени дека во периодот на нивното министерување во 10-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ толерирале неплаќање закуп на државно земјоделско земјиште, со што државата ја оштетиле за 1,5 милион евра. Двајцата поранешни министри, Цветков и Делев, се во притвор, а на Спасеноски поради здравствени проблеми му е одреден куќен притвор. На барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција на сите осомничени им се замрзнати имотот и сметките.

За имунитетот на Димовски, Собранието треба да одлучува вторпат, откако заедно со неколку пратеници беа обвинети и притворени за упадот што се случи во Собрание на 27 април. Пред гласањето на уставните измени, дел од пратениците беа ослободени од притвор и во Собранието го поддржаа договор од Преспа. Димовски тогаш беше во куќен притвор и не гласаше за уставните измени, а опозицијата новите обвинувања ги толкува како одмазда на власта. Сепак, со селективниот Закон за амнестија сите обвинети пратеници беа помилувани. Пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски беа обвинети дека ги отвориле собраниските врати за да влезе толпата. Овој ден во колективната меморија ќе остане запаметен како крвавиот четврток, кој заврши со повредени пратеници и новинари. (Ф.Ф.С.)